|

Заев изненаден од Пендаровски: Не знам зошто би бил против…

Премиерот во оставка Зоран Заев, во изјава за ТВ21 вели дека е изненаден од првиот човек на државата Стево Пендаровски кој вчера од Косово рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е фалична.

„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“, вели Заев за ТВ21.

Тој додава дека во минатото сме виделе што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан.

„Особено неразбирливо е кога ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните. Во Северна Македонија Претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“, додава Заев.

Заев вели дека не го оправдува противењето кон Отворен Балкан од страна на Пендаровски.

„Не сум загрижен бидејќи убеден сум дека институциите посветено ќе работат на обезбедување на бенефитите од оваа иницијатива за граѓаните, исто како што сум убеден дека огромно мнозинство од народите од нашите земји се ЗА нашето пријателство и добрососедство и ЗА брз развој на меѓусебната економска соработка и ЗА брзо тргање на сите пречки кои произлегле од границите“, вели Заев за ТВ21.

„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, додава Заев.

Извор: Zoom. mk



Слични Објави