|

Заев на „Преспански јаболкобер 2021“: Ние знаеме да го цениме трудот на овоштарите

Премиерот Зоран Заев денеска во Ресен го означи почетокот на манифестацијата „Преспански јаболкобер 2021“, со што почна годинешната берба на јаболката во Преспа.

„Владата и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ги креираат сите неопходни политики за поддршка на земјоделството, па така и за стимулирање и развој на овоштарството. Тоа го правиме во континуитет во двата мандата на оваа Влада. Во 2018 година 20 отсто ги зголемивме субвенциите за одржување овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на 3 денари за килограм“, истакна Заев.

„Оваа Влада нема да ги остави земјоделците и овоштарите и секогаш ќе биде во дослух со нивните потреби и реални очекувања. Ние знаеме да го цениме и вреднуваме нивниот труд и придонес за нашата економија. Затоа носиме одлуки што секогаш ќе бидат на страната на земјоделците и овоштарите“, потенцира премиерот.

Посочи дека оваа година и покрај корона-кризата и глобалната економска криза, државата ги исплати субвенциите за овоштарство во износ од речиси 9,5 милиони евра, а реализацијата на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година бележи висок степен на реализација од почетокот на годината.

„Оваа година почна проектот со Светската банка – проектот за модернизација на земјоделството, кој е со вкупна вредност од 46 милиони евра и содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозен позитивен импакт врз вкупната домашна економија“, нагласи Заев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, истакна дека Министерството и Владата континуирано го поддржуваат овоштарството и како една од мерките, покрај зголемените субвенции, се и картичките за зелена нафта.

„Конкретно во Ресен се доставени речиси 2.000 картички. Дополнителни придобивки овоштарите имаат и од воведувањето на мерките за мотивација на младите земјоделци и руралните жени, а од особено значење е и усогласувањето на нашата правна регулатива со европската. Конкретно во делот на здравјето на растенијата, што подразбира и намалена употреба на агрохемиски средства, односно помалку пестициди, токму Ресен е пример на успешна интегрална заштита на јаболката и сѐ помала употреба на производите за заштита на растенијата, која во последните 10 години е намалена 30 %“, рече Хоџа.

Извор: Темите

Слични Објави