| |

ЗАЕВ: СКЛУЧИВМЕ ДОГОВОР СО ЕВРОПСКАТА ИНВЕСТИЦИОНА БАНКА ВРЕДЕН 100 МИЛИОНИ ЕВРА

Во Свечената Сала во Владата на Република Македонија, денеска се потпиша договор помеѓу Министерот за финансии, Драган Тевдовски, Потпретседателот на Европската инвестициона банка, Ендрју МекДауел, и Директорот на Македонската банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски за обезбедување на финансиска поддршка преку нова кредитна линија од 100 мил евра за финансирање на мали и средни претпријатија. По тој повод Премиерот Заев имаше свое обраќање во кое истакна:

Имаме повеќе причини денеска да бидеме задоволни и да му дадеме гласност на овој настан што Владата на Република Македонија го организира заедно со Европската инвестициона банка, претставена денеска на толку високо ниво, како што е Потпретседателот на банката, господинот МекДауел, по повод склучувањето на Финансискиот договор и договорот за гаранција за 100 милиони евра за Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза.

Како што е познато, Европската инвестициона банка е банка на Европската Унија и е во тесна врска и соработка со институциите на Европската Унија во имплементацијата на политиките на унијата.
Европската инвестициона банка е најголемата светска финансиска институција од овој тип која што обезбедува финансиска и експертска поддршка за големи одржливи инвестициски проекти, кои, во суштина, се придонес кон остварувањето на политиките и целите на Европската Унија.
Тоа значи дека Европската Унија и нејзините финансиски институции за поддршка на развојот на земјите кандидати за членство во ЕУ, ги препознаа позитивните сигнали од македонската економија и трендовите за одржлив развој.

Најновото признание ни доаѓа како многу поволен кредит во висина од 100 милиони евра од Европската инвестициона банка наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средни претпријатија.

Посебно поволен е фактот што откако заемите од оваа кредитна линија, ќе бидат вратени, повторно ќе се пласираат како кредити во стопанството.И оваа привилегија за Република Македонија на новата поволна кредитна линија, е потврда за добрата кондиција и движења на македонската економија.Уверен сум дека добрата вест дека македонската економија расте и се стабилизира на долг рок пристигна до Европската инвестициона банка во Луксембург.

Во вториот квартал од 2018 година растот на БДП достигна 3.1 % што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината и очекуваме дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст на БДП од 3.2 проценти.
Овој убав настан покажува дека фаќаме чекор и создаваме услови за достигнување на европските стандарди за реални бизнис можности.

Првото полугодие имаме одлични резултати – 327 милиони евра странски директни инвестиции, што е за три пати повеќе во споредба со истиот период од минатата година кога нивото на инвестиции изнесуваше 105 милиони евра. Забележан е раст од 8.4% на индустриското производство и пораст на 7.2 % на бројот на работници во месец јули споредено со истиот период минатата година.

Дополнително растот на извозот од 17% во периодот јануари – јули 2018 во споредба со истиот период минатата година и сите овие позитивни економски индикатори покажуваат дека се враќа довербата на инвеститорите во нашата економија токму заради издржаните економски политики и решителните политички чекори напред за членство на земјата во ЕУ и НАТО.

Членството на земјата во ЕУ и НАТО ни гарантира забрзан раст на македонската економија.
Како што реков, Европската инвестициона банка, ги препозна овие трендови.
Оваа банка, како финансиска институција на Европската Унија, и досега го следеше нашиот развој, и со поволни заеми беше силна поддршка на нашите капитални инвестиции.

Со склучувањето на овој договор како петта кредитна линија за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти, во износ од 100 милиони евра, вкупната досегашна поддршка на оваа банка за нашата земја изнесува 450 милиони евра.

Со оваа значајна поддршка, досега се реализирани проекти од патната и железничката инфраструктура, проекти од значење за животната средина како водоводи, канализации, пречистителни станици и хидросистеми.

Не радува интересот на Европската банка што го покажува и за нашите претстојни стратешки инвестиции – гасоводот и третата делница од пругата кон Бугарија, делницата Крива Паланка – Деве Баир на бугарската граница.

На крајот дозволете ми да изразам уште еднаш благодарност до Европската инвестициона банка за континуираната поддршка и да им посакам успешни проекти на менаџерите на малите и средни претпријатија кои ќе претставуваат нова вредност за раст на економијата и за подобар живот на граѓаните!



Слични Објави