Од „Бугарите се мизерни“ до насмевки во Ѓуешево: лицемерната метаморфоза на Александар Николоски
Димитар Русков/БГНЕС
За една година Александар Николоски го помина патот од Скопје до Софија, ама не преку Деве Баир.
Министерот за транспорт ги определи Бугарите како „нецивилизирани мизерници“, неговиот шеф ја нарекуваше железничката врска по Коридор 8 „лудост“, а на крајот од својата екскурзија се насмевна на станицата во Ѓуешево и потпиша „историски“ договор за истиот проект. Се смени реториката, се смени и позата пред камерите. Непроменето остана единствено лицемерието на политичката „елита“ во Скопје по сите линии, дури и оние железничките.
Од првите денови на новата влада Николоски е истурениот играч на агресијата против Бугарија и против Коридор 8. Вицепремиерот постојано тврдеше дека железничката врска до границата „нема економска логика“, дека трасата е „неизводлива“, „премногу скапа“ и „со напумпана цена“. Токму тој фрлаше обвинувања дека Софија „нема проект“ и „ништо не прави“. Северна Македонија дури се обиде средствата за НАТО-коридорот Варна–Скопје–Драч да бидат пренасочени кон линијата Белград–Скопје–Солун по Коридор 10, која Белград ја брани по секоја цена.
Истиот Николоски не ја напаѓаше само инфраструктурата, туку и самата Бугарија. Во етерот на македонската телевизија „Алфа“ (финансирана од домаќинот на бегалецот Никола Груевски) тој изјави дека Бугарите се „мизерници“, дека домаќините во Софија се „нецивилизирани“ и дека двете држави немаат „ниту заедничка историја, ниту заеднички корени“. Во парламентот се фалеше дека по темата Коридор 8 „ја поразиле Бугарија со 3:0“, додека сугерираше дека Софија сака да „уништи еден народ“.
Македонските железници официјално ги демантираа тврдењата на Николоски за огромните недостатоци и „нереалниот“ проект. Европската комисија и европските банки јасно изјавија дека Коридор 8 е стратешки за цела Европа, дека средствата не можат да се пренасочуваат кон други траси и дека Скопје мора да ги исполни преземените обврски. Брисел посочи конкретни рокови и предупреди дека обидите за блокирање и маневри нема да бидат толерирани.
По сето ова, појавувањето на Николоски во Ѓуешево за новиот договор за Коридор 8 е сѐ друго, само не искрено. На прашање дали сѐ уште смета дека Бугарите се „нецивилизирани, мизерни луѓе“ и што точно се сменило за да седне на иста маса со бугарски министер, тој се сокри зад удобното празнословие дека „проблемите биле инженерски, а не политички“ и брзаше да сврти грб кога беше прашан дали ќе се извини. Не пропушти да ги обвини новинарите за сопствениот простотилук.
Софија беше претставувана како непријател, Коридор 8 — како „лудост“ и „слепа улица“, а позицијата на европските институции — како притисок кој наводно ќе ја довел Северна Македонија до банкрот. Да се потсетиме и како Србија отворено се пофали дека го ликвидирала Коридор 8 во своја полза, за да се приоритизира Коридор 10.
Денес Николоски зборува за заеднички јазик со Бугарија, за решавање инженерски предизвици и за посветеност кон изградбата на железничката врска. Досега докажа дека не е инженер, ниту силен политичар, туку партиски комичар. Останува да докаже дека Скопје има намера да исполни барем еден од потпишаните документи.
За „прва лопата“ сме слушале многупати. Чекаме да ја видиме последната.
