|

ЗАЕВ СО ЧЕСТИТКА ЗА ДЕНОТ НА АРМ

Со особена чест и задоволство го честитам денешниот празник, упатувајќи искрена благодарност за вашата континуирана посветеност, професионалност и несебичниот ангажман за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава, премиерот Зоран Заев го честиташе Денот на Армијата.

„На денешен ден, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска која ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на татковината.

Денеска, 76 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО, дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, учествуваат во меѓународни мировни мисии и даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност.

Пораката за својата подготвеност, за што сме особено горди и благодарни, нашата Армија ја испрати и со учеството во најголемата воена вежба „Одлучен удар“, кога нашите војници со претставници на уште пет земји-членки на НАТО покажаа дека имаат капацитет за изведување комплексни теренски вежби.

Република Македонија ќе биде идната, 30-та членка на НАТО алијансата, а нашите професионални војници и офицери покажаа дека се партнери со нашите сојузници, со способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

Благодарам од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, за сите заложби, за сите несебични ангажмани, да помогнете, да осигурате и обезбедите, заедно со сите граѓани, перспективна иднина за сегашните и идните генерации!

Нека ни е честит Денот на Армијата на Република Македонија!“ порача Заев.

Слични Објави