ЗАЕВ СОГЛАСЕН ИЗБОРИТЕ ДА СЕ ОДРЖАТ НА 8 ЈУЛИ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека е согласен изборите да се одржат и на 8 јули среда.

„Јас нема да робувам на 5 јули и како датум да се држам фиксно до него. Имајќи предвид дека и господинот Мицкоски и јас повеќе пати спомнувавме дека поприфатливо е изборите да се одржат во среда како неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули среда, а во понеделник и вторник ќе гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација, граѓаните позитивни кои се во болници и дома, сите хронични болни, повозрасните луѓе, рече лидерот на СДСМ и поранашен премиер Зоран Зав денеска од Струмица, каде што присуствуваше на увидот на завршните работи на новото болничко крило од струмичката болница заедно со премирот Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.

Заев ја повика опозицијата на одговорност, рационалност и конструктивност.

„Сакам да ги информирам сите дека не станува збор за некаков инает или фиксен датум, туку станува збор за нашата држава и нашиот народ. За подобро справување со корона кризата, со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот, која трае и ќе трае во перидот што е пред нас. Затоа ни требат избори што поскоро. Не заради пуст датум и заради пусто партиско его. Затоа, реков дека нема да робуваме на датумите. За нас е многу важно да имаме навреме избори за да си ги вратиме институциите, за институциите да му служат на народот со полн капацитет. Институциите се за сите граѓани и за тие што ја поддржуваат власта и за тие што ја подржуваат опозицијата и за тие што никого не поддржуваат. Затоа е многу важно учеството на опозицијата. Апелирам, повикувам на одговорност, на рационалност и на конструктивност. Ова не е време како порано кога на претходната власт и одговараа избори без опозиција. Не, демократијата во која живеме бара активно учество на опозицијата“, истакна Заев.