ГДУ-ОХРИД: НА СРЕД СЕЗОНА НЕ СЕ СПРОВЕДУВААТ ЗАКОНИ- 500 ЛУЃЕ ЌЕ ГИ ИЗГУБАТ СВОИТЕ РАБОТНИ МЕСТА

„Искрено сме непријатно изненадени од пристапот на владата за отстранување на сите 25-те плажи. Овој потег нема да донесе ништо добро на градот Охрид.

ГДУ апелираше неколку месеци наназад да се спречи безредието и да се почитува законот, но ова е премногу ригорозен чекор и тоа на средината од јуни. Владата требаше да донесе решение за доброто на сите.
Со оваа одлука не им се дава простор на чесните и одговорните угостители да ја изработат сезоната. Откако ќе помине сезоната треба да се донесе нов закон и да се изнајде долготрајно решение за плажите во Охрид.

Законот мора да се почитува и мора да важи за сите исто од тоа нема бегање. Бидејќи сме влезени во сезоната и дел од угостителите веќе вложиле капитал спремајќи се за истата, кој и на каков начин ќе им ја надомести загубата на овие луѓе? Согласни сме дека треба да се постапува и дека треба да се руши, но не во јуни. Зошто тоа не се направи во зимата или во било кој период од претходниве 4 години? Зошто не се понуди опција тој што уредно плаќал да добие простор да ја изработи сезоната, па потоа да се преземат вакви мерки?
Да не заборавиме туристичката сезона во Охрид ќе биде хендикепирана и веќе сега угостителите бележат огромни загуби, а со овој чекор дополнително уште 500 луѓе ке останат без работа и Охрид ќе ги изгуби најпосакуваните дестинации како Куба Либре, Потпеш, Канео, Кадмо и др. кои во изминативе години постанаа посакувани места за туристите и прават голем приход во државата и хранат многу семејства.
Мора да се разгледа опцијата после сезоната да се спроведува уредбата на Владата и да им се даде на тие што плаќале уредно години наназад да ја доработат сезоната“, се вели во соопштението на ГДУ-Охрид.