| |

Заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска во официjaлна посета на Бугарија

Заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, на 7 и 8 септември ќе престојува во официјална посета на Бугарија, соопштија од Алијансата, пренесува БГНЕС.

Во рамки на посетата, Шекеринска ќе оствари неколку билатерални средби, а ќе ги посети и војниците од Мултинационалната борбена група на НАТО стационирани во базата „Ново село“. Таа ќе присуствува и на големата вежба за справување со итни ситуации „Бугарија 2025“, што ќе се одржи во Професионалниот тренинг-центар за прва помош во град Монтана. Покрај тоа, Шекеринска ќе одржи говор на Атлантскиот клуб во Софија.

Од 7 до 12 септември Бугарија и НАТО ќе организираат една од најмасовните и најкомплексни вежби за управување при вонредни состојби – „BULGARIA 2025“. Домаќин ќе биде Центарот за професионална обука при Дирекцијата за заштита и спасување во Монтана, информираа од бугарското Министерство за внатрешни работи.

Вежбата е заеднички организирана од Дирекцијата за противпожарна заштита и заштита на населението на МВР – Бугарија, Евро-атлантскиот координациски центар за одговор при катастрофи на НАТО (EADRCC) и Центарот на НАТО за управување со кризи и одговор на катастрофи (CMDR COE), кој е сместен во Бугарија.

Во „BULGARIA 2025“ ќе учествуваат околу 1200 претставници од повеќе од 40 држави и организации. Вежбата ќе биде насочена кон реагирање при природни и индустриски катастрофи, хибридни закани, сложени вонредни ситуации и тестирање на постапките за логистичка поддршка од земјата-домаќин при прием на меѓународна помош.

Главната цел е градење на отпорност, како на силите за реагирање, така и на општеството во целина. Настанот ќе овозможи претставници од различни држави да вежбаат заедно во услови блиски до реалноста и ќе го поттикне цивилно-военото партнерство при справување со предизвици, вклучително и климатските промени.

Слични Објави