|

Зарацин официјално назначен за специјален пратеник на Германија за Западен Балкан

Поранешниот пратеник во Бундестагот од Партијата на зелените, Мануел Зарацин, денеска и официјално е назначен за специјален пратеник на Германија за Западен Балкан, соопшти министерката за надворешни работи на таа земја Аналена Бербок.

-Во Владата одлучивме да го именуваме Зарацин за специјален пратеник на Владата за земјите од Западен Балкан. Посебно се радувам на тоа, бидејќи навистина го ценам Зарацин и знам со каква страст се залага за интересите на Западен Балкан, изјави Бербок.

Таа посочи дека стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан се највисок стратешки приоритет, особено во актуелната ситуација.

-Воспоставивме функција специјален пратеник со цел да работиме заедно со сите шест земји од Западен Балкан на развојната перспектива и подобра поддршка на тековните реформски процеси. Во овој поглед, Зарацин тесно ќе соработува со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, и високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.

Извор: zoom.mk

Слични Објави