|

Здружение „Наследство“: Споменот на Гоце Делчев како патоказ кон заедништво и европска иднина

По повод 154 години од раѓањето на Георги (Гоце) Николов Делчев, здружението „Наследство“ упати јавна честитка до македонскиот и бугарскиот народ, повикувајќи на почит, разум и заедништво. Во својата порака, од здружението истакнуваат дека Делчев е историска личност која поврзува, а не разделува, и дека неговото дело треба да биде повод за дијалог и соработка, а не за конфликти.

„По повод 154 години од раѓањето на Георги (Гоце) Николов Делчев (1872–1903), здружението „Наследство“ упатува искрена честитка до Македонците и Бугарите, со порака на почит, разум и заедништво.

Гоце Делчев е историска личност што поврзува, а не разделува. Неговиот лик и дело се дел од заедничката историја и борбата за слобода, правда и достоинство на луѓето на овие простори. Токму затоа, веруваме дека ваквите личности треба да бидат повод за заеднички чествувања, дијалог и соработка, а не извор на конфликти и поделби.

Свесни сме дека постојат историски недоразбирања и различни толкувања, но длабоко веруваме дека тие не смеат и не треба да влијаат врз нашето секојдневие, врз човечките односи, почитта и соживотот меѓу луѓето денес.

Воедно, апелираме македонското општество да не потпаѓа на провокации од поединци или групи дојдени однадвор, чија намера не е искрено и културно оддавање почит на ликот и делото на Гоце Делчев, туку самопромоција, самофалење и предизвикување конфликт меѓу Македонците и Бугарите — конфликт за кој нема реална основа.

Соживотот и заемната почит меѓу тукашните Македонци и Бугари се реалност и вредност што треба да се зачува и унапреди. Притоа, свесни сме дека и тука постојат и поединци и групи кои со своето однесување создаваат тензии, конфликти и раздор, обидувајќи се да го нарушат тој соживот, но токму тоа е предизвикот што мораме заеднички да го надминеме. Особено македонското општество и државата имаат одговорност да реагираат мудро, смирено и државнички, без подлегнување на провокации.

Во тој дух, сметаме дека иднината треба да се гради преку дијалог, заемно разбирање и заедничко одбележување на историските личности и настани кои нè обединуваат, но и преку јасна ориентација кон европскиот пат. Исполнувањето на реформите што ги бара Европската унија не е само формално условување, туку можност македонското општество да стане подемократско, поевропско и почовечко, а државата рамноправен дел од европското семејство на народи.

Нека споменот на Гоце Делчев биде патоказ кон соработка и зближување, а не повод за поделби“, пишуваат од здружението „Наследство“ на својата официјална facebook страна.

Слични Објави