Здружението ,,16 март 2025 – Кочани” се сретна со претставници на Амбасадата на Швајцарија
Здружението ,,16 март 2025 – Кочани” се сретна со претставници на Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, јавува Радио Кочани.
„Денес нашето здружение имаше исклучителна чест да ги пречека амбасадорот Кристоф Сомер (Christoph Sommer), г-ѓа Кармен Тенисен (Carmen Thönnissen), прв секретар, како и претставничките од Амбасадата на Швајцарија.
Нивното внимание, емпатија и искрена заинтересираност за нашата работа и за предизвиците со кои се соочуваме оставија длабок впечаток врз сите нас.
Голема благодарност упатуваме и до директорот на МЦМС и тим-лидер на Цивика Мобилитас, Александар Кржаловски, како и на преставниците од МЦМС, за континуираната поддршка и посветеност.
Посебно значајно за нас е чувството на солидарност и подршка што го упатуваме кон нашите пријатели од Crans-Montana. Иако сѐ уште немаме воспоставено директен контакт, болката што ја носиме нѐ соединува и нѐ поврзува со сите семејства што поминале низ истото. Нашата поддршка, мислите и сочувството се со нив, затоа што човечката болка нема граници и секогаш наоѓа пат да нè поврзе.
Оваа средба беше повеќе од протокол — беше потсетник дека кога луѓето ќе се соберат со искрено срце, може да се создаде вистинска сила за промена.
Заедно, со сите што стојат покрај нас, продолжуваме да чекориме со достоинство, истрајност и неизгаслива надеж за правда“, стои во писмото-соопштение на здружението „16 март 2025-Кочани“.
