СЕВЕРЏАНИ, АНТИЧКИ, СЛОВЕНСКИ… НО СЕПАК МАКЕДОНЦИ

Во оваа наша мала и чудесна земја манипулацијата и национализмот во најразлични форми се пресудни и биле пресудни секогаш. Сепак во изминативе триесетина години тоа се покажа како успешно и правилно мото на двата гиганти во македонската политика (читај: лудница).

Поделбите ги носат победите и на едната и на другата страна, но каде е народот? Впрочем ако некогаш народот се делел на „комуњари“, „вмровци“ и албанци сега таа поделба се прошири и отиде чекор напред. Сега во мода се „северџаните“, „античките“, „словенските“, „србоманите“, „бугарофилите“ итн… Но со која цел се прави поделбата на овој мал народ. Целта се знае, власта, парите и дебелите фотелји.
Ако би можеле некако да ги лоцираме Македонците според називите тоа би изгледало вака: „северџаните“-секако во „новата“ Македонија, „античките“- во далечната Австралија и по некој по Америките, „словенските“- некаде околу Германија, и сите други останати Европјани…

Дали се сите тие Македонци и дали сте вие поголеми од нив? И зарем толку ли многу не има, па да се делиме и да се парчосуваме меѓусебно? Едно сум сигурен, се додека национализмот ви е најмил, колективно ќе губиме.
За мозаикот да биде комплетен, има уште еден пострашен синдром кој е многу полош од национализмот, а тоа е поделбата на „вмровчиња“ и „комуњарчиња“ или покултурно кажано партиски профитерчиња. Впрочем тоа е наголемиот непријател на Македонија, а имаме архива од последните триесетина години и лесно се гледа кој што и каде. Се додека ви се поважни партиите од државата, ќе си продожи оваа мизерија и масовното иселување.

Најголемата гласачка машинерија т.е администрацијата во нашава држава си се изнаужива, а богами има живот за нив… Неработни денови колку ти душа сака, викенди, добри плати, дури и некои не мора да одат на работа, а пак ако се од ДУИ се знае, еднаш во месецот… 130 ИЛЈАДИ административци, е тие се прави Македонци. Што се однесува до останатите со 250 евра плата, работни денови шест во неделата и седмиот на рехабилитација, викенд тоа ти е шпанско село, одмор ако добиеш на лотарија, но сепак има надеж иако е долга редицата пред амбасадите (германска, хрватска,словенска итн.)

И за крај „Proud“ во две фази: првата Тамара и втората Вардар. Успех и на едно и на друго поле, но секој има право на свое размислување и толкување. Каде е тука проблемот? 1 милион евра и не се баш малку пари, но на страна тоа, деца умираат за 20 илјади евра, немајќи пари за операции, луѓе се разболуваат немајќи пари за лекови, болниците наликуваат на напуштени воени бази, редица институции кои наликуваат на бојно поле и училишта кои немаат соодветни опреми, сето тоа испаѓа неважно. Нели Заев беше тој што викаше немаме за леб, а сепак купуваме чоколадо? Колку ли ниско се паѓа со финансирањето на Самсоненко, Камчев (на студенска размена бил, затоа му бил вратен пасошот) и Мијалков (не му треба пасош важна е слободата), ако тие фаци немаат пари тогаш кој?!

Следен чекор на Владава е да ги донесе Роналдо и Меси да играат за Пелистер и да станеме европски прваци, сепак најважна е промоцијата на Северна. Ах бре Македончишта и пак не дознавме кој се правите Македонци.
П.С. Секоја чест за Тамара, а пак за Вардар капа долу мајстори.

Автор: Даниел Јорданоски