Здружението „Наследство“ од Скопје со најостра осуда за вандалскиот чин врз еден од бугарските клубови во Битола
Граѓанското здружение „Наследство“ од Скопје со осуда за говорот на омраза и вандалскиот чин кон еден од бугарските клубови во градот Битола. Ви ја пренесуваме реакцијата на здружението „Наследство“ во целост, без уредничка интервенција:
„Здружението „Наследство“ најостро го осудува говорот на омраза и повикот на насилство објавен во јавниот простор, во кој се повикува да се запали клубот додека членовите се внатре и „сите да изгорат“. Ваквите пораки не се само недозволиви и длабоко вознемирувачки, туку претставуваат и сериозна закана по безбедноста на луѓето.
Јавно прашуваме: дали надлежните институции ќе реагираат брзо, одлучно и ефикасно на ваков отворен повик на насилство? Во едно демократско општество, ваквите закани не смеат да бидат игнорирани, ниту релативизирани.
Ги повикуваме надлежните институции итно да постапат, да го идентификуваат лицето кое ја упатило заканата и соодветно да го санкционираат согласно законите. Истовремено, бараме јавноста да биде информирана дека е постапено по случајот, со што јасно ќе се покаже дека повиците на насилство и заканите по живот нема да бидат толерирани.
Ваквите појави мора да бидат јасно осудени и институционално санкционирани, за да се спречи создавање атмосфера на страв, омраза и нетолеранција. Само со доследна примена на законите и јасна јавна реакција може да се испрати порака дека заканите, говорот на омраза и повиците на насилство немаат место во нашето општество.
Здружението „Наследство“ останува доследно на својата заложба за мир, дијалог, почитување на човековото достоинство и градење општество во кое различностите се почитуваат, а безбедноста на секој граѓанин е загарантирана.“
