Зеленски тврди дека Трамп би можел побрзо да ја заврши војната со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп може да помогне побрзо да се стави крај на војната со Русија, јави државната новинска агенција Укринформ, пренесува Анадолија.
Во интервју за јавниот сервис „Суспилна“, Зеленски зборуваше за односите меѓу Украина и САД и се осврна на претходните разговори со Трамп за решавање на конфликтот, кој трае од 2022 година.
„Тој ја слушна основата на која стоиме. Не слушнав ништо против нашата позиција“, рече Зеленски.
Запрашан дали Трамп побара од Украина да влезе во преговори со Русија, Зеленски рече:
„Ние сме независна земја. И ние, за време на оваа војна, и нашиот народ и јас, лично, преговараме со Соединетите Американски Држави, и со Трамп и со Бајден и со европските лидери, докажавме дека реториката на „седи и слушај“ кај нас не функционира“.
Претседателот на Украина рече дека верува оти под водство на Трамп „војната ќе заврши побрзо“.
„За нас е многу важно да имаме праведен мир, за да немаме чувство дека сме ги изгубиле најдобрите луѓе поради неправдата што ни е наметната. Војната ќе заврши, но нема точен датум. Секако, со политиката на тимот што сега ќе ја води Белата куќа војната ќе заврши побрзо, тоа е нивниот пристап, нивно ветување пред јавноста, а и нив им е многу важно“, рече Зеленски.
Трамп, кој ја победи Камала Харис на претседателските избори на 5 ноември, често ја доведува во прашање поддршката на САД за Киев и вели дека би можел да го прекине конфликтот во рок од еден ден откако ќе биде избран.