Зеленски: Украина и Бугарија ќе подготват заеднички проекти и спогодба за соработка во областа на дроновите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека одржал средба со бугарскиот премиер Румен Радев, на која двајцата разговарале за развојот на билатералната соработка, енергетската безбедност и можностите за реализација на заеднички проекти, пренесе БГНЕС.
Во објава на социјалната мрежа X, Зеленски се заблагодари за „содржајните разговори“ со бугарскиот премиер и посочи дека посебно внимание било посветено на енергетската безбедност, вклучително и на регионално ниво. Според него, страните разговарале и за подготовката на украинско-бугарски консултации со цел развивање заеднички иницијативи.
„Ѝ предложив на Бугарија да започне работа на специјален договор во формат Drone Deal“, напиша украинскиот шеф на државата.
Според Зеленски, постигната е согласност експертските тимови на двете земји да продолжат со работата на сите разгледани теми и да подготват пакет билатерални документи.
И од бугарска страна соопштија дека за време на разговорот бил ставен акцент врз улогата на Бугарија во зајакнувањето на енергетската безбедност во регионот преку испораките на природен гас, производството и преносот на електрична енергија. Биле разгледани и можностите за индустриска соработка и технолошка размена, поврзани со производството на беспилотни системи.
За време на својата посета на Брисел, Румен Радев изјави дека средбата била одржана на иницијатива на украинската страна. Тој ја потврди поддршката на Бугарија за европската перспектива на Украина и изјави дека Софија нема да го попречува почетокот на преговорите за пристапување кон Европската Унија.
Средбата се одржа во рамки на заседанието на Европскиот совет во Брисел и е меѓу највисоките контакти меѓу Софија и Киев во последните месеци.

