| |

Зеленски во Берлин за координација со европските лидери пред средбата Трамп–Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Берлин за учество во онлајн-разговори со европските сојузници и американскиот претседател Доналд Трамп, пред планираната средба в петок меѓу САД и Русија за војната во Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го пречека Зеленски и ги организираше видео-конференциските средби за да се осигура дека Киев и европските партнери ќе бидат информирани пред средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска.

По билатералните разговори за време на ручекот, Зеленски и Мерц ќе одржат онлајн-дискусии со лидерите на Франција, Велика Британија, Италија, Полска, Финска, како и со челниците на ЕУ и НАТО, а потоа ќе се приклучат на уште еден повик со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс.

Европските влади, според агенцијата ДПА, се загрижени дека средбата Трамп–Путин – прва откако Трамп ја презеде функцијата во јануари – може да резултира со територијални отстапки кон Русија, што Киев категорично го одбива. Трамп ја опиша средбата како обид да се стави крај на војната, вклучувајќи можни „размени на територии“.

Зеленски претходно изјави дека Москва „не покажува волја да ја заврши војната во Украина“ и ги повика Европа, САД и сојузниците на Киев „да го зголемат притисокот врз Русија пред овонеделниот самит меѓу САД и Русија“. Тој нагласи: „Оваа војна мора да заврши. Мора да се изврши притисок врз Русија за правичен мир“. Дополнително, Зеленски истакна дека Украина, Европа и САД „мора да дејствуваат заедно за да ја принудат Москва на преговори“.

Слични Објави