ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС, ПОВТОРНО ОТВОРЕНИ КОВИД-ЦЕНТРИТЕ НА КЛИНИКИТЕ ВО СКОПЈЕ
Во болниците во Македонија се лекуваат 1.040 болни од коронавирус и има речиси 370 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, без Скопје, е пријавено дека се лекуваат вкупно 604 пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје, пак, се хоспитализирани 31 нов пациент поради компликации од коронавирусот, а вкупниот број на пациенти во главниот град е 436.
Поради зголемениот број на пациенти што имаат потреба од хоспитализација, отворени се и работат ковид-центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и ковид-центарот на Клиниката за уво нос и грло.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 28 оздравени пациенти, кои се лекувале во ковид-центрите во Скопје.
Од Министерството за здравство велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. „Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, велат од таму.
