| |

Желјазков: Бугарија одамна не е најсиромашната земја во Европската унија

Премиерот во оставка Росен Желjaзков изјави дека Бугарија одамна не е најсиромашната земја во Европската унија. Според него, клучните приоритети на владата – финансиска стабилност, економски раст и пристапување кон еврозоната – се исполнети, јавува БНР.

Механизмот за воведување на еврото ќе биде надграден со координациски центар, кој ќе го води Владимир Иванов – претседател на Државната комисија за стокови берзи и пазари:

„Господине Иванов, од 1 јануари, вие ќе бидете лицето кое ќе комуницира со претставниците на медиумите, а преку нив и со бугарската јавност, за сите прашања – проблематични или непроблематични, поврзани со воведувањето на еврото во Република Бугарија“, изјави премиерот во оставка Росен Желjaзков, според кого Бугарија веќе не е најсиромашната држава во Европската унија.

„И тоа мора многу јасно да се нагласи: според паритетот на куповната моќ, ние ги надминуваме земји како Грција, Романија, Унгарија, Словачка и Литванија и тоа мора да се истакне, бидејќи тоа е повод за самодоверба кај секој еден Бугарин“, додаде тој.

Премиерот го замоли својот заменик Томислав Дончев да ги претстави деталите околу третата исплата од Планот за закрепнување, која беше добиена вчера:

„Го поставувавме прашањето дали Националниот план за закрепнување и отпорност може да биде спасен. Очигледно може. Тој беше повторно договорен, што овозможи голем дел од реформите да бидат поддржани и реализирани. Дополнително, бугарската влада успеа да го договори и поглавјето ‘Репауер’ во износ од 480 милиони евра дополнително.“



Слични Објави