Желјазков со амбасадорите на ЕУ: Воведувањето на еврото и полноправното членство во Шенген – врвни приоритети за Бугарија
Премиерот на Бугарија, Росен Желјазков, одржа средба со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, на која беа разгледани клучните приоритети на владата – воведувањето на еврото од почетокот на следната година, придобивките од полноправното членство во Шенген-зоната и главните насоки на европската и меѓународната политика на Софија, соопшти владината прес-служба на Бугарија.
Домаќин на средбата беше амбасадорот на Данска во Бугарија, Флеминг Стендер, чија земја го има ротационното претседателство со Советот на Европската унија во втората половина од годинава.
За време на разговорите, премиерот Желјазков ги претстави ставовите на бугарската влада по водечките теми на европската агенда, како и по тековните меѓународни предизвици. Особено внимание беше посветено на подготвителните активности за преминувањето кон еврото, што се очекува да го зацврсти економскиот и финансискиот систем на земјата, како и на очекуваните позитивни ефекти од полноправното учество во Шенген.
Беше разгледана и актуелната политичка ситуација во земјата. Желјазков истакна дека Бугарија останува стабилен и доверлив партнер во рамките на Европската унија, насочен кон одржување на европските вредности и унапредување на регионалната соработка.
Кон крајот на септември и претседателката на Народното собрание, Наталија Киселова, одржа средба со раководителите на дипломатските мисии во земјата. „Во сложената геополитичка реалност, Бугарија е конструктивен, предвидлив и сигурен партнер во постигнувањето на целите на Европската унија,“ изјави Киселова.
