Нови сведочења во „Онкологија 2“ – одбраната на Васев бара укинување на притворот
Одбраната на поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, бара укинување на мерката притвор и тој да се брани од слобода, но со одземен пасош.
Адвокатот Боби Спирковски вели дека условите во притвор не овозможуваат соодветна подготовка, бидејќи предметите „Онкологија 1 и 2“ се обемни и бараат повеќе време и комуникација со обвинетиот.
На денешното рочиште за „Онкологија 2“ беа сослушани тројца сведоци на обвинителството – вработена во аптеката, шалтерска работничка и член на Управниот одбор.
Тие посочија дека Васев се потпишувал на извештаи и барања за лекови од условен буџет, дури и пред завршување на јавните набавки.
Кривичниот суд претходно го потврди обвинението против Васев и неговиот колега Нехад Нухи за злоупотреба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.
