Сопругата на доктор Зекирија Шаини пуштена на слобода – нема докази за вмешаност во обидот за убиство
Сопругата на доктор Зекирија Шаини, која полицијата првично ја осомничи дека е вмешана во обидот за неговото убиство, е пуштена на слобода. Од Кумановското јавно обвинителство за Телевизија 24 потврдија дека органите не пронашле докази кои би укажале на нејзина кривична одговорност поврзана со инцидентот што се случи во Куманово.
„Сопругата на доктор Зекирија Шаини е пуштена на слобода. Одлуката ја донесе јавен обвинител откако по 24 часа органите не најдоа докази кои би ѝ се ставиле на товар за вмешаност во обидот за убиство. За инцидентот имаме осомничени други лица. Во обидот за убиство нема политички мотиви, туку станува збор за приватни нереасчистени односи,“ соопштија од ОЈО Куманово.
Според полицијата, потрагата по 36-годишниот гостиварец осомничен дека во вторникот пукаше во докторот Шаини во центарот на Куманово сè уште трае. Докторот, кој е пуштен на домашно лекување, беше застрелан четири пати – во десното колено и левата подлактица.
По нападот, доктор Шаини се огласи во јавноста, опишувајќи го настанот како „кукавички напад од маскирани лица“ и побара случајот да не се политизира.
„Ние сме во изборна кампања, но не сакам оваа случка да добие политичка конотација. Немам политичко непријателство со никого. Ги молам органите на редот што е можно побрзо да го расветлат случајот,“ изјави тој.
И покрај тоа, политичките реакции не стивнуваат. Коалицијата ВРЕДИ остро реагираше, обвинувајќи ја ДУИ за обид да го политизира инцидентот. „ДУИ сака да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не поминува,“ порачаа од ВРЕДИ.

