„Жив е тој, жив е“- 176 години од раѓањето на големиот бугарски поет, револуционер и публицист Христо Ботев
Денеска Бугарија одбележува 176 години од раѓањето на Христо Ботев. Во родниот град на големиот бугарски поет, револуционер и публицист Калофер, се организира поворка во негова чест, јавува БНР.
Свечената церемонија започна со воен ритуал од дворот на Националниот музеј „Христо Ботев“. Музејот е изграден на местото каде што се наоѓала последната куќа на семејството Ботеви. Таа била уништена при палењето на балканскиот град во 1877 година.
На иницијатива на граѓаните на Калофер и патриоти Бугари од целата земја, објектот е обновен и отворен како музеј во 1944 година. На изложбата, која денеска се очекува да ја посетат многу луѓе, најголем интерес предизвикуваат единствените сочувани лични работи на Ботев – џебен часовник и прибор за пишување.
Според традицијата, денеска венци и цвеќе ќе бидат врачени пред споменикот на мајката на великанот Иванка Ботева, кој се наоѓа во дворот на музејот. Ќе биде изведена и првата поема на Ботев „Мајце си“. По завршувањето на поворката ќе биде поставен „Венец на славата“ пред меморијалниот комплекс „Христо Ботев“ кој се издига над градот.
Во Велико Трново годишнината исто се одбележува со воен ритуал. Со полагање венци и свежо цвеќе беше одбележана 176-годишнината од раѓањето на Христо Ботев. Ритуалот се одржа во 9:30 часот пред споменикот на Ботев во центарот на Велико Трново.
Во главниот град на Бугарија Софија, годишнината од раѓањето на Христо Ботев се одбележува со Софиската библиотека, каде што ќе биде поставена фото-документарната изложба „Жив е тој, жив е“, која содржи документи и статии посветени на големиот бугарски поет, револуционер и публицист.
Настаните по повод годишнината од раѓањето на Христо Ботев започнаа вчера во бугарскиот град Враца, каде што се одржа традиционалната „Ботева вечер“. На истата голем број граѓани и гости на градот се запознаа со животот и делото на големиот бугарски револуционер.