Златен прстен на пагански владетел е хитот на изложбата „Бугарска археологија 2022“
Златен прстен на пагански владетел од првата половина на IX век откриен во Плиска – ова е можеби најинтригантното откритие за изминатата година на националната изложба „Бугарска археологија 2022“во Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките (НАИМ при БАН).
Шеснаесетти пат по ред на изложбата се претставени најинтересните наоди и богат илустративен материјал од теренската работа на бугарските археолози. Во рамки на изложбата се претставени плакати за 53 археолошки проекти.
„2022 беше тешка година за бугарската археологија. Сесијата за планираните археолошки истражувања во Министерството за култура многу задоцни. Спасувачките археолошки истражувања за различни инфраструктурни проекти низ земјата беа исто така со ограничен обем и број. Меѓутоа, бугарските археолози се справија на најдобар можен начин со нивните задачи“, изјави доц. д-р Христо Попов, директор на НАИМ при БАН.
На изложбата се претставени над 300 експонати од 30 локации, кои го илустрираат развојот на културите на денешната бугарска територија од неолитот (6000 години п.н.е.) до средниот век.
Златниот прстен на пагански владетел од првата половина на IX век е откриен во првата бугарска престолнина Плиска при ископувањата на тркалезна камена платформа која заземала важно место во историјата на градот. Во 2021 година, ископувањата на овој локалитет открија златен солид на византискиот император Теофил од 831 година. Следната година, таму беше откриен златен прстен со печат на кој е прикажан пагански владетел. Археолозите не прецизираат дали е на бугарски хан, бидејќи не сакаат да шпекулираат. Во тоа време, на чело на Бугарите бил Хан Омургтаг (814 – 831), неговиот син Маламир Кан (831 – 836), а потоа тронот го презел Хан Персијан (836 – 852).
Плочката на пронајдениот прстен покажува лице на човек со дијадема на главата и облека со копчиња и декорација со кружни апликации. Тежината на накитот е 26,8 грама, а дијаметарот на прстенот е 2,7 сантиметри.
Златен ѓердан и сребрен накит, како и оружје, биле откриени при истражувања на трасата на автопатот Хемус. Пронајдени се во некропола од раната хеленистичка епоха во атарот на селото Бохот кај Плевен.
На друг локалитет кај селото Чавдарци, Ловеч, регистрирани се бројни археолошки градби и артефакти од халколитското, бронзеното, железното и римското време. Откриени се керамички садови, железни врвови на копја, накити и други наоди поврзани со начинот на живот и облеката на населението.
По трасата на патот Видин – Ботевград, во месноста Ружинци, проучувана е праисториска населба од раниот халколит – прва половина на V милениум п.н.е. Откриените објекти се со четириаголна форма со дрвена и глинена основа. На изложбата се претставени и камени алатки за труд – тесли, секири, длета, камен тег и гривна.
Археолозите наидоа на интересни откритија при ископувања на железничките линии кај Алдомировци и Чирпан, како и при изградбата на гасовод кај Враца, каде што беше откриена средновековна некропола во областа „Гладно Поле“.
Презентирани се и наоди од тековните истражувања на праисториските населби Провадија, Дуранкулак, Порој, Јунаците, Сушина и Козарева могила, римскиот архитектурен комплекс кај селото Стројно, општина Елхово, римските градови Улпија Ексус и Сексагинта приста, тврдините Каљата и Букелон и ред други.
Уште еднаш се претставени истражувањата долж Црното Море – наоди од античката некропола во областа „Морска градина“ на Аполонија Понтика, Созопол.
Меѓу експонатите на изложбата има златни, сребрени и бронзени орнаменти, извонредни керамички антропоморфни фигури и садови, мермерни заветни плочки и ѕидни декоративни украси, ритуално огниште – есхара, ножеви и оружје, монети и многу други.
Меѓу впечатливите наоди се керамичките садови од населените могили кај Порој и Провадија, ѓерданот од населбата Дуранкулак, ѓердан од злато и нефрит од античката некропола во областа „Морска градина“ на Аполонија Понтика, заветни плочки на Тракискиот коњаник од римскиот архитектурен комплекс кај селото Стројно, бронзена игла од античката тврдина „Боровец“ кај селото Разлив, општина Правец. Во оваа тврдина се пронајдени и златни, сребрени и бронзени монети од III и VI век.
Шеснаесеттата изложба „Бугарска археологија“ се реализира со партнерска поддршка на 17 историски и археолошки музеи од земјата, кои учествуваат со наоди од нивните фондови. Тоа се Националниот историски музеј, регионалните историски музеи во Враца, Добрич, Пазарџик, Плевен, Русе, Стара Загора, Хасково и Шумен, археолошките музеи „Проф. Рашо Рашев“, Плиска и „Старинен Несебар“, Етнографско – археолошкиот Музеј Елхово, Општински историски музеј – Ивајловград, историските музеи во Мелник, Правец, Провадија и Чирпан.
„Бугарска археологија 2022“ ќе биде отворена за посетители од 15 февруари до 21 мај 2023 година во салата за привремени изложби на НАИМ на плоштадот Атанас Буров бр. 1 во Софија.