| |

Хрватски европратеник: Европскиот пат на Црна Гора зависи од дистанцирањето од големосрпската политика

Влијанието на Белград и структурите поврзани со Српска православна црква ја продлабочува внатрешната поларизација во Црна Гора. Истите го еродира нејзиниот суверенитет и ја компромитираат евроинтеграцијата на земјата, изјави хрватскиот европратеник Томислав Сокол, пренесува БГНЕС.

Тој предупреди дека овие фактори претставуваат најголем ризик за европскиот пат на земјата и дека во Брисел сè почесто се третираат како безбедносно прашање, а не само како билатерален или идентитетски спор.

Според Сокол, Црна Гора останува најнапреден кандидат за членство во ЕУ и има реална шанса да го искористи актуелниот „прозорец“ за проширување. Сепак, силната политичка поларизација, спротивставените пораки од дел од власта и, како што наведе, двојниот дискурс – проевропска реторика кон Брисел и политики дома што ги разнишуваат европските вредности – го забавуваат процесот.

Тој оцени дека технички напредок постои, но состојбите во безбедносниот сектор и недоследната геополитичка ориентација можат да станат пречка во завршната фаза од преговорите. Доволно е поединечни земји членки да го блокираат затворањето на поглавјата доколку проценат дека вредносната и стратешката насока не е јасна, нагласи Сокол.

Европратеникот посочи и на активностите на поединечни актери, меѓу кои и Милан Кнежевиќ, како и на излегувањето на Демократската народна партија од владејачката коалиција, што, според него, ќе покаже дали земјата може да се дистанцира од големосрпската политика.

Во однос на премиерот Милојко Спајиќ и движењето „Европа сега“, Сокол изјави дека во ЕУ се гледаат како потенцијален двигател на реформите, но се очекува појасно позиционирање наместо „опасно балансирање“ со анти-ЕУ структури.

Тој додаде дека целта за членство во 2028 година е достижна само со политичка стабилност, доследни реформи и недвосмислена европска ориентација, потсетувајќи дека пристапувањето бара и ратификација од сите земји членки. Хрватска, како што рече, ја поддржува европската иднина на Црна Гора, но како суверена и проевропска држава со решени отворени прашања и стабилни добрососедски односи.



Слични Објави