Златото — гориво на комунизмот!
Виктор Суворов*
Редовите на комунистичките партии во сите земји се пополнувале само со глупаци и криминалци. Уште пред идеологот на националсоцијализмот Алфред Розенберг да го грабне перото за да ги напише своите книги за инфериорноста на Словените, советските комунисти веќе ги истребувале споменатите Словени со милиони. И веќе во безбројните концентрациони логори по сечиштата во тајгата, бригадирите на „Експортлес“ ги броеле кубиците. И милионите кубици се извезувале, извозот носел девизи, девизите го потхранувале Воено-индустрискиот комплекс и Коминтерната — штабот на Светската револуција. А да не ја заборавиме и колективизацијата. Го земале житото од нашиот селанец без пари и го испраќале на извоз.
Најненаситна секција на Коминтерната била Германската комунистичка партија. Од добивката се хранеле партијата на болшевиците и нејзините помали сестри низ целиот свет. Освен тоа, по црноморските брегови советските другари го претвориле во своја сопственост сето она што постоело таму, од царските дворци до ботаничките градини и ловните резервати. Комунисти од целиот свет се собирале таму за бесплатно да го обновуваат своето разнишано здравје. И нема потреба да копаме по докази, треба само да ја прочитаме книгата на Николај Островски „Како се калеше челикот“. Така се калел. Токму таму, во елитните кримски одморалишта.
Имало со што да ги привлекуваме луѓето на наша страна. Неранимајковците од сите земји се обединувале околу нашите јасли, тие знаеле: ако се запишеш како комунист, можеш да не се грижиш за својата светла иднина — Москва ќе ги плати сите трошоци, Москва ќе те нахрани, обилно ќе те напои, а одморалиштата на Крим се бесплатни. Потокот од љубители на работничката класа не пресушувал.
И затоа сметам дека комунистите, односно глупаците и криминалците, не можеле по легален пат да дојдат на власт ниту во Германија, ниту во која било нормална земја, од простата причина што во ниту една нормална земја во светот глупаците и престапниците не се мнозинство и не уживаат доволна поддршка. Германската комунистичка партија претставувала сила, но само дотогаш додека советскиот „Експортлес“ редовно одвојувал дел од своите приходи за партиската каса на германските другари. Без тоа, партијата на германскиот пролетаријат би претставувала шуплива тиква, сосема како Лениновата партија во 1917 година без германското злато.
*Виктор Суворов е литературен псевдоним на Владимир Богданович Резун, поранешен советски офицер-разузнавач, дисидент и писател. Потекнува од воено семејство и уште на млада возраст го започнал своето образование во советските воени училишта. Подоцна служел во Советската армија, а дел од неговата кариера била поврзана со военото разузнавање и Главната разузнавачка управа — ГРУ.
Во 1978 година Суворов дезертирал од Советскиот Сојуз во Велика Британија, каде што продолжил да живее и да пишува. По пребегнувањето станал познат како остар критичар на комунистичкиот режим, советската власт и официјалната советска историографија.
Како писател, Суворов објавил дела со автобиографски, публицистички и историски карактер. Во нив пишува за советската армија, разузнавачките структури, Спецназ, животот во СССР и механизмите на комунистичкиот систем. Неговите најпознати книги се поврзани со Втората светска војна. Во неговото најпознато дело трилогијата „Ледокршачот“, ја развива контроверзната теза дека Сталин се подготвувал за офанзивна војна против Германија.
Суворов е еден од најчитаните антикомунистички автори од источноевропскиот простор, познат по провокативните тези и силната критика на советскиот политички и воен систем.

