Златото од Варна сведочи за развиено општество во денешна Бугарија пред подемот на древниот Египет и Месопотамија
На брегот на Црното Море, на територијата на денешна Бугарија, уште во петтиот милениум пред нашата ера постоело развиено општество во кое поединци се издвојувале по богатството и влијанието, пишува шпанскиот весник „Марка“, пренесува БГНЕС. Според весникот, златните наоди од Варненската некропола сведочат дека овие разлики постоеле многу пред подемот на цивилизациите на древниот Египет и Месопотамија.
Од околу 300 гробови што археолозите ги откриле во некрополата од бакарното време, само во 62 имало златни предмети. Речиси една третина од сето злато била пронајдена во гробот број 43, покрај посмртните останки на маж постар од 60 години. Во гробот биле положени жезол и златен накит. Според „Марка“, по количеството злато овој гроб надминува многу други познати археолошки споменици од тоа време.
Во текот на речиси две децении ископувања, археолозите пронашле над 3.000 златни предмети со вкупна тежина од околу шест килограми. Меѓу нив имало ѓердани, нараквици, обетки и мали дискови кои веројатно служеле за украсување на облеката. Наодите потекнуваат од периодот меѓу 4600 и 4200 година пред нашата ера, а варненското злато се смета за најстарата позната голема збирка предмети од обработено злато во светот, наведува весникот.
Откритието што ги променило научните сознанија за праисториските цивилизации во Европа било случајно. На 22 октомври 1972 година во Варна, маж кој копал со багер во близина на морскиот брег наишол на необични предмети. Не знаејќи ја нивната историска вредност, ставил неколку од нив во кутија за чевли и ги однел дома. Неколку дена подоцна ги известил локалните археолози и добил награда од 500 лева, колку што изнесувале неколку месечни плати во тоа време.
