111 години од “ослободувањето” на Македонија
Пишува: Зоранчо Маринков
Вчера беше продолжена традицијата во денешна Северна Македонија да се чествува сопствената окупација од страна на Србија. Српскиот министер на труд и социјална политика, како и претседателот на собранието на ентитетот на БиХ – Република Српска, на Зебрњак повторно зборуваа за некакви алтернативни историски факти, кои никогаш не се случиле во реалноста.
Министерот Никола Селаковиќ истакнал, дека неговите предци дошле овде да ги ослободат нивните браќа и сестри по крв и вера, кои со векови страдале под отоманско ропство.
“Селаковиќ се заблагодари на Владата на Северна Македонија, на градот Куманово, на општина Старо Нагоричане и на сите што овозможија да се одбележи овој голем настан од заедничкото минато. Слободно може да се каже дека, исто како пред 111 години, така и денес, никој не ги разбира Македонците како што ги разбираат Србите, ниту пак некој ги разбира Србите како што ги разбираат нашите браќа и сестри Македонци, рече Селаковиќ”.
Дали некој од дежурните македонски патриоти, ќе реагира на изјавата на министерот Селаковиќ за заедничко минато на Македонија и Србија, како што истите тие патриоти цело време негираат заедничко минато на Македонија и Бугарија? Или можеби денешните македонски патриоти се идентификуваат со српските четници како Јован Бабунски, Глигор Соколовиќ-Љаме (чичко на Блаже Конески), со Јован Довезенски, Јован Долгач, Ѓорѓи Скопљанче, Мицко Крстиќ и останатите платеници на Србија во борбата против ВМОРО?
Претседателот на Народното собрание на ентитетот од Босна и Херцеговина – Република Српска, Ненад Стевандиќ им се заблагодарил на “Северна Македонија и на браќата Македонци што имаме можност заедно со раководството на Србија и заедницата на Србите во Македонија и нивните здруженија да ги посетиме сите места на нашите успеси, места каде што српската војска им донесе слобода на себе и на другите…”
Да видиме сега како е “ослободена” Вардарска Македонија во 1912 год. Инаку самите тогашни српски власти ја нарекуваат областа на Вардарска Македонија – Јужна Србија, а луѓето што живеат во неа – јужносрбијанци. Истовремено населуваат илјадници семејства од другите краишта на Србија и Кралство СХС, кои самите тие ги нарекуваа колонисти, им даваат најдобра земја и финансиска помош.
Во брошурата на Кирил Прличев, синот на Глигор Прличев, “Србските жестокости во Македонија (1912-1915)” која претставува дел од неговата книга “Србскиот режим и револуционата борба во Македонија” издадена во 1917 год. е опишана “слободата” која ја донеле српските војници во Македонија. Србските окупатори ги затвораат сите бугарски училишта во Македонија, во сите цркви мора да се служи на српски јазик, од свештениците кој ќе одбие да служи на српски јазик е или протеран или убиен. Презимињата на луѓето задолжително добиваат наставка “-иќ”, сите имиња на фирмите треба да бидат испишани на српски јазик. Убиствата, затварањата, мачењата, силувањата се во огромен број.
Да се потсетиме на шлаканицата што ја добива малата хероина Васка Зојчева во Скопје, кога српската армија влегува да ја окупира Вардарска Македония, во октомври 1912 год. На прашањето од српскиот престолонаследник, а подоцна крал Александар I Караѓорѓевиќ, каква е таа по народност, детето не може да лаже и јасно му кажува дека е бугарка. За тоj одговор, српскиот принц Александар ѝ удира шлаканица, пред очите на сите присутни во Скопие.
Во декември 1912 година во Прилеп од страна на српките офицери е убиен учителот Атанас Љутвиев, една од првите жртви на српскиот терор во Вардарска Македонија. Убиен е на зверски начин, затоа што на еден банкет во Прилеп, освен за српскиот крал, наздравил и за успехот на Бугарија во војната против Отоманската империја.
Српската армија, заедно со српските четници во Македонија, убиваат над 500-тини жители на Кавадарци и Неготино, за време на Тиквешкото востание кое се одржува во предвечерието на Втората балканска војна. Илјадници жители на Вардарска Македонија се убиени во Охридско-Дебарското востание против српските окупатори.
Во Првата светска војна речиси сите преживеани Илинденци – војводи и комите на ВМОРО се во редовите на Бугарската армија и се борат за ослободување на Вардарска Македонија од српска окупација.
На 2 март 1923 год. во радовишкото село Гарван е извршено масакр на 28 невини жители. Меѓу жртвите имало многу млади момчиња, како и две деца на возраст од 12 и 13 години. Масовното убиство било извршено од страна на војската на Кралството СХС, по директна наредба на Добрица Маткович, жупанот на Брегалничката област. Цели шест дена труповите на убиените биле оставени непогребани, а една старица од глетката на мртвите тела починала.
Вистински приказ на “слободата што Србија ја донесува за браќата Македонци” во октомври 1912 год. дава извештајот на Карнегиевата комисија за причините за Балканските војни.
Да наведеме дел од извештајот на Карнегиевата комисија:
“Ако инсистираа на тоа, мора да признаат дека за вистинско остварување на нивниот предмет на етничко “обединување”, останува сѐ да се направи. Да се признае целта беше да се санкционираат средствата, т.е. истребување или барем елиминација на туѓи елементи, а пред се на бугарскиот елемент. Токму постоењето и проникнувањето на овие елементи со децении ја сочинуваа суштината и, така да се каже, Гордиевиот јазол на македонскиот проблем. Да се обиде да избега од проблемот, преправајќи се дека не ги знае неговите суштински елементи, беше да се избегнат тешкотиите наместо да се решаваат.
Српската влада и воени кругови, задолжени со задачата да ја надминат оваа тешкотија, веднаш тргнаа кон остварување на својата цел. Тие направија еден импозантно голем и злонамерен социолошки експеримент, каков што не можеа успешно да спроведат ниту владите и нациите далеку подобро опремени од Кралството Србија. Ние го видовме почетокот на оваа асимилација спроведувана преку терор. Почетокот на Втората балканска војна даде сигнал да се започне со претопување на сето она што сè уште носеше бугарско име. И тогаш се направи напор да се постигне оваа цел, која надминува се што е видено досега. Да ги погледнеме прво мерките што српската влада ги презеде против водачите на националната црква во Македонија”.
Цели 6 месеци, додека се чекаше сојузничките војски да започнат воени дејствија, српските власти потпомогнати од редовната војска беа вклучени во герилска војна низ цела Македонија. Србите ги вооружуваат своите стари банди, чии водачи и членови носат воени униформи. Во Скопје е формиран Централен комитет за “народна одбрана” со ограноци во други македонски градови.
Тој дејствува во координација со Врховната команда. Населението на Скопје нивното седиште, кое се наоѓа во близина на рускиот конзулат, го нарекува „Црна куќа“ по името на самата организација – “Црна рука”. Најтешките злосторства се направени од оваа тајна организација, која стана позната низ целиот свет. Таа работи под силна заштита на властите и станува јасна предност за владата”.
„Оваа неодговорна сила зазема опасни размери, но власта секогаш може да се огради од неа доколку се покаже дека е потребно. Има дејства кои не се злосторства, но од аспект на српската асимилација се сметаат за полош од криминал. Едно од нив е да се биде влијателен граѓанин и да остане патриот, без, се разбира, да се спротивставува на наредбите на властите. Други “злосторства” се поседувањето на бугарско знаме, канцеларијата на Бугарин, библиотека, кафуле, кое не може да се влезе под официјална забрана за свикување народни собири и се друго што му припаѓа на Бугарин.
Бандите киднапираат означено лице, го носат во “Црната куќа” и го претепуваат; тогаш тој човек е болен со месеци, ако и не исчезне од градот. Нашите записи се полни со сведоштва кои фрлаат светлина врз злокобната активност на овие легализирани разбојници. За жал, не можеме да ги цитираме сите имиња…”
Поклон пред паметт на жртвите на српскиот терор во Македонија 1912-1915 и 1918-1941 год.
