12 години затвор за русинка со американско државјанство, која донирала малку над 50 долари за украинска хуманитарна организација
Ксенија Карелина, руско-американска работничка во спа-центар, вчера (15 август) била осудена на 12 години затвор, откако е прогласена за виновна за предавство затоа што донирала пари во добротворна организација за поддршка на Украина, јавува Радио Слободна Европа.
Жителката на Лос Анџелес се изјасни за виновна на нејзиното затворено судење во градот Екатеринбург на Урал, каде што нејзиниот случај беше сослушан од истиот суд кој во јули го осуди новинарот на Волстрит џурнал, Еван Гершкович за шпионажа.
Судот соопшти дека истражителите откриле дека Карелина, на 24 февруари 2022 година, односно на првиот ден од руската инвазија на Украина, „префрлила средства на една украинска организација, кои потоа биле користени за купување на медицинска опрема и средства од вооружените сили на Украина“.
Нејзините поддржувачи велат дека таа донирала 51,80 долари за Разом за Украина, добротворна организација со седиште во Њујорк која обезбедува хуманитарна помош за децата и постарите луѓе во Украина. Добротворната организација негираше дека му дава каква било воена поддршка на Киев.
Триесет и тригодишната девојка не беше вклучена во големата размена на затвореници меѓу Русија и Западот минатата недела, со која беше ослободен Гершкович, но нејзиниот адвокат Михаил Мушаилов рече дека се надева дека ќе биде вклучена во некоја идна размена.
Карелина е родена во Русија и емигрирала во Соединетите Држави во 2012 година, а американско државјанство добила во 2021 година.

