„120 зборови за довербата“: Форум во Пловдив за лажните вести и вештачката интелигенција по повод 120 години од првото соопштение за медиумите
Експерти за односи со јавноста, новинари, студенти и професори од четири високообразовни установи во Пловдив, Бугарија, разговараа за етиката, довербата и влијанието на вештачката интелигенција врз комуникациите на форумот „120 зборови за довербата“, соопшти Пловдивскиот универзитет „Паисиј Хилендарски“, домаќин на настанот.
Форумот е дел од настаните организирани од Бугарското друштво за односи со јавноста по повод 120 години од испраќањето на првото соопштение за медиумите во светот. Со иницијативата беа одбележани и 30 години од основањето на Друштвото и 65 години од основањето на Универзитетот.
Во средиштето на дискусијата беа веродостојноста на содржините на социјалните мрежи, препознавањето на лажните вести и одговорноста на комуникациските стручњаци во услови на сè побрзо ширење на информациите.
„Информациите се противречни, а лажните вести циркулираат подеднакво со вистинските. Во такви околности, вистинските новинари и експертите за односи со јавноста вложуваат огромни напори за да се обединат околу едно: да работат етички и во интерес на јавноста. Тоа заслужува почит и благодарност“, изјави проректорот на Пловдивскиот универзитет, доц. Борјан Јанев, поздравувајќи ги учесниците.
Претседателката на Управниот одбор на Бугарското друштво за односи со јавноста, Гергана Иванова, истакна дека комуникациските стручњаци треба да преземаат иницијатива и навремено да создаваат и распространуваат веродостојни информации. Според неа, независно од брзината на технолошките промени, довербата останува највредната валута во комуникациите и основа за развојот на професијата.
Во дискусијата учествуваа студенти и професори од Пловдивскиот универзитет, пловдивската филијала на Техничкиот универзитет во Софија, Академијата за национална и информациска безбедност и Академијата за музичка, танцова и ликовна уметност.
Посебен интерес предизвикаа прашањата за етиката во комуникациите и за тоа дали вештачката интелигенција ќе може да создава доверба заснована врз силни етички принципи. Учесниците разгледаа и практични примери предложени од гостите.
Иницијаторот на форумот, д-р Љубомир Стојчев, предавач по маркетинг и односи со јавноста на Пловдивскиот универзитет, ја претстави историјата на првото соопштение за медиумите и ги посочи современите предизвици пред професијата.
Првиот дел од настанот се одржа во Царската чекалница на Централната железничка станица во Пловдив, каде што беше изведена реконструкција на создавањето на првото соопштение за медиумите, во атмосфера на новинарска редакција од пред 120 години. Модератори на дискусијата беа Стојчев и Борјана Димитрова, портпарол на обвинителството за Јужна Бугарија.
