Познатиот бугарски пејач Васил Петров и Државната опера од Стара Загора ќе одржат концерт во Одрин
Градот Одрин, на тромеѓето меѓу Бугарија, Турција и Грција, вечерва е домаќин на концертот „Swinging Love & Wine“ со бугарскиот пејач Васил Петров и оркестарот на Државната опера од Стара Загора, јавува БТА.
Настанот ќе се одржи во новата концертно-театарска сала на Културниот центар „Ататурк“, отворен во 2022 година, со капацитет од 790 места. Салата е отстапена бесплатно од општина Одрин како дел од културната соработка меѓу двата града.
Гостувањето е договорено на средба пред околу еден месец меѓу раководството на Старозагорската опера и претставници на општина Одрин, со посредништвото на Генералниот конзулат на Бугарија во градот. Договорено е и продолжување на културната размена преку заеднички оперски и балетски програми.
Ова не е прво гостување на операта во Одрин – во 2018 година таму беше изведена „Мадам Батерфлај“. Новиот проект е современ музички формат, а концертот ќе биде и една од првите изведби на новата сцена во рамки на партнерството меѓу двете институции.
„Swinging Love & Wine“ е заеднички проект на Васил Петров, познат како „бугарскиот Синатра“, со оркестарот на Државната опера – Стара Загора под диригентство на Цветомир Василев.

