| |

24 часа: Од прво лице: Како опстанува во Македонија осудениот Љупчо Ѓоргиевски

Ви пренесуваме дел од интервјуто на колешката од бугарскиот дневен весник 24 часа Сима Владимирова со Љупчо Ѓоргиевски претседател на веќе згаснатиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола. Потсетуваме дека Основниот суд во Битола му изрече на Ѓоргиевски условна казна од една година со условен рок од две години, поради обвинение за ширење етничка омраза преку цитирање изјави на историската личност Иван Михајлов.

24 Часа: Г-дин Георгиевски, што значи да се биде Бугарин во Северна Македонија?

Љ. Ѓ: Се чувствуваме како луѓе во прогон во сопствената татковина. Да се биде Бугарин во денешна Северна Македонија значи да се биде третиран како предавник, непријател, човек од втора класа. Секојдневно сме изложени на малтретирање од институции, медиуми и организации кои се хранат со омраза. Јас, на пример, бев избркан од работа и ми судеа. Работев во ТЕЦ 20 години, и откако почнав јавно да се изразувам како Бугарин, најдоа начин да ме отпуштат.

24 Часа: Дали сте размислувале да се откажете од бугарското државјанство за да не бидете изложен на репресии?

Љ. Ѓ: Никогаш. Да се откажам од него би било исто како да се откажам од честа на нашите предци, од историјата, од јазикот на кој плачеле и пееле нашите дедовци.

24 Часа: Како изгледа еден ваш ден сега, кога веќе клубот не постои?

Љ. Ѓ: Клубот постои. Ние регистриравме ново здружение. По забраната да се користи името „Иван Михајлов“, сега се вика „Една роза“. Но тоа е правно решение, само за да можеме да функционираме легално. Инаку, како и да го наречеме, ние сме ванчомихајловисти.

24 Часа: Дали тоа беше главното обвинение против вас за време на процесот?

Љ. Ѓ: Да, дека цитирам Иван Михајлов на Фејсбук и дека сум предизвикал говор на омраза.

24 Часа: Каков е односот на луѓето кон Иван Михајлов порано и сега?

Љ. Ѓ: Сите луѓе го прифаќаат, само што го прават тоа тивко. Не сакаат да зборуваат гласно, затоа што таква е политиката на државата. На пример, се поздравуваме шепотејќи со „џим“, што значи „Да живее Иван Михајлов“. Неговиот дух никогаш не исчезнал, како што некои сакаат да го претстават. Отворија спомен-соба во негова чест во родниот му Штип со восочна фигура. Таква има и во Скопје, во музејот на ВМРО.

ВМРО-ДПМНЕ – најголемата партија, се признава себеси за наследник на формацијата на Иван Михајлов, ги смета за свои конгресите од времето кога тој бил претседател. Значи, е негов продолжувач, а мене ме судат затоа што го цитирам. Живееме како во Северна Кореја.

24 Часа: Дали ве следат, ве прислушуваат ли?

Љ. Ѓ: Не можам да знам. Луѓето околу нас шепотат кога зборуваат за Бугарија или за Ванчо Михајлов. Децата се плашат да кажат во училиште дека се Бугари, затоа што веднаш ќе наидат на омраза од другите деца. Денот на секој Бугарин минува во борба да објаснуваме и да сведочиме. А навечер, кога ќе ги затвориме очите, се прашуваме зошто не нè гледа Европа, зошто не дојде Томас Вајц (известувачот на ЕУ за напредокот на Северна Македонија – заб.) кај нас да праша каков проблем имаме како македонски Бугари.

(Целото интервју прочитајте го во весникот 24 часа)

Слични Објави