| |

Бугарската потпретседателка Јотова ја врачи големата награда во Конкурсот за есеј на БНР за младинци од Украина и Молдавија

На свечен концерт во салата на Русенскиот универзитет „Ангел К’нчев“ во Тараклија, Република Молдавија, Бугарското национално радио (БНР) официјално ги прогласи победниците на Конкурсот за есеј за ученици и студенти од бугарските заедници во Украина и Молдавија, јавува БНР.

Потпретседателката на Бугарија, Илина Јотова ја врачи големата награда, на 17-годишната Ксенија Дечева од Теоретскиот лицеј „Олимпиј Панов“ во Тараклија. Јотова истакна дека „насекаде каде што се зборува бугарски јазик, во секое семејство и дом, тоа е Бугарија“. Таа ја пофали иницијативата на БНР и забележа дека сите наградени есеи се напишани на богат книжовен бугарски јазик и се исполнети со знаење за историјата, културата и литературата на Бугарија.

Генералниот директор на БНР Милен Митев изјави дека конкурсот е реализиран со голема желба и ентузијазам, потсетувајќи на неговите први средби со бугарските заедници во Бесарабија и нивната силна љубов кон јазикот и традициите. Според него, пристигнатите есеи покажале не само длабоко познавање и почит, туку и обид да се повлечат паралели помеѓу минатото и современоста.

На свеченоста присуствуваа амбасадорката на Бугарија во Молдавија Маја Добрева, генералниот конзул на Бугарија во Одеса Светослав Иванов, конзулот во Тараклија Љубомир Димов, извршната директорка на Агенцијата за Бугарите во странство Рајна Манджукова, ректорката на Русенскиот универзитет доц. Десислава Атанасова, како и претседателот на Реонскиот совет во Тараклија, Лазар Дерменжи.

Церемонијата беше збогатена со музичка програма во која учествуваа инструментален состав од Оркестарот за народна музика на БНР, квартетот „Светоглас“ и пејачката Јулија Гатдерова.



Слични Објави