27-МИ МАРТ СВЕТСКИ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Со читање на националните и светската порака за театарската уметност, денеска во театрите низ светот се одбележува Светскиот ден на театарот – 27 Март.

Традиционално во театрите ширум земјава, пред почетокот на претставите ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака на режисерот, драмски писател, театарски едукатор и професор од Куба, Карлос Селдран и на драмскиот писател Југослав Петровски.

Одбележувањето Светски ден на театарот е иницирано на 9. Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година, а од наредната година тој се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз. Денес тој на различни начини се одбележува од речиси сто национални центри на ИТИ.

Интернационалниот театарски институт ИТИ е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. ИТИ настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите.

Настаните што низ светот се организираат на Светскиот ден на театарот се обид да се остварат тие цели. Интернационалната порака се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Жан Кокто е автор на првата меѓународна порака во 1962 година. Од 1997 Македонскиот ИТИ центар го одбележува Светскиот ден на театарот и со македонска порака.



Слични Објави