| |

Приспособување на неавтентичното или интервјуто на Никола Карев за атинскиот весник “Акрополис”

Пишува: Зоранчо Маринков

Да разгледаме еден пример, за тоа до каде оди искривувањето на историската вистина во денешна Северна Македонија. Станува збор за наводното интервју, што Никола Карев го дава за грчкиот атински весник “Акрополис”. Интервјуто било направено во еден хотел во Битола, а е објавено во весникот на 8 мај 1903 год.

Ова интервју денес се користи како доказ дека Никола Карев не бил Бугарин, туку Македонец, кој уште во 1903 год. правел разлика помеѓу етничките поими Македонец и Бугарин.

Точно таква објава на социјалната мрежа Фејсбук публикува поранешниот македонски премиер Никола Груевски пред неколку месеци, која беше пренесена и од македонските портали. Тој го пренесува интервјуто на Карев, со преводот на г-ѓа Елефтерија Вамваковска од 2000 год., нормално без уводниот дел на новинарот.

Интервјуто на Карев за Акрополис е објавено и во книгата “Македонци -Милениумски сведоштва за идентитетското име” од Бранислав Светозаревиќ – Покорни, издадена во 2022 год. Светозаревиќ таму ги подвлекува зборовите “Македонец” и “комитетот не е бугарски”, очигледно како доказ дека Карев не бил Бугарин, туку етнички Македонец.

Погоре споменав “наводното интервју”, затоа што сомневања за неговата автентичност изразува и госпоѓата што го пронашла и превела на македонски јазик, Елефтерија Вамваковска, вработена во Институтот за национална историја на Македонија. Интервјуто за прв пат е објавено во македонскиот весник – “Утрински весник” на 22.07.2000 год. Во тоа издание е даден и факсимил од интервјуто на Никола Карев, што г-ѓа Вамковска го пронашла во книгата “Τα Τετράδια Του Ίλιντεν” (Тетраките на Илинден) издадена во Атина во 2000 год.

Сомневања во автентичноста на тоа интервју изразува и Кочо Топузовски во неговата книга за Никола Карев, со наслов “Никола Карев – Патешествија низ документи” издадена во 2008 год.

Вамваковска и Топузовски со право се прашуваат, дали било возможно во времето непосредно после Солунските атентати на гемиџиите (кои се спомнати во интервјуто) и после Смилевскиот конгрес (на кој е потврдена одлуката за Илинденското востание), Никола Карев слободно да престојува во хотел во Битола.

Г-ѓата Вамваковска како најголемо сомневање во автентичноста на интевјуто го истакнува следното: “можно ли било во тие тешки години на

конспирација, особено во времето пред Илинден кога во Македонија

особено во Битолскиот округ, имало чести и жестоки судири меѓу четите и

аскерот (период на т.н. непрокламирано востание) а будноста на турските

власти била подигната на многу високо ниво, повторувам, можно ли било

во едно такво време, во битолски хотел без разлика што бил сопственост

на еден крушевски Влав, Карев да се открие пред еден Грк (и не само

пред него), а се знаело дека Грците соработувале со турската власт во

борбата против македонското движење?

Кочо Топузовски во неговата истакнува дека во знак на одмазда за атентатите османските власти на 6 мај извршиле колеж во Битола, а истиот ден турската војска го нападнала Цапари и убила десетина недолжни селани. Топузовски истакнува дека во таква репресивна и одмаздничка атмосфера, каква што била ситуацијата во Битола веднаш по Солунските атентати, би било премногу опасно и неодговорно да се претстојува во градот, да дури во хотел.

Интересно е дека македонските портали го цитираат Никола Карев како во интервјуто кажува дека е Македонец, потомок на Александар Македонски, а потоа самиот Карев кажува дека според историјата, Александар Македонски е Грк.

Г-ѓа Елефтерија Вамваковска во 2000 год. добива прашање од новинарот на “Утрински весник”, како таа го објаснува поврзувањето на територијата Македонија со етничкиот карактер на населението кое живее во неа?

Г-ѓа Вамваковска го одговара следното: “Новинарот (на Акрополис м.заб.), и не само тој, Македонија ја смета за грчка територија и оттука и луѓето кои тука живеат, според нив, мора да се Грци, потомци на Александар Македонски. Затоа и тој толку настојчиво се обидува да го убеди Карев дека Грк. А, ако не е Грк тогаш е ‘бугарофрон’, ‘бугаризиран Македонец’ и тн.”

Г-ѓа Вамваковска кажува, дека било лесно да се воочи дека интервјуто е ‘малку дотерано’ и приспособено за грчките читатели во 1903 година. Ова е доста интересно, бидејќи подолу ќе видиме како преводот на тоа интервју мене ми изгледа како да е приспособен за македонските читатели во 2000 година.

По однос на содржината на интервјуто, г-ѓа Вамваковска изјавува дека тоа содржи “контрадикторности и нелогичности”. Првата нелогичност, според Вамваковска, е тоа што интервјуто започнува со изјавата на Карев дека е “Бугарин по убедување”, а на првото прашање на новинарот: “Дали е Македонец”, Карев одговорил со “Да’.

Вамваковска во изјава за Утрински весник на 22 јули 2000 год. дава објаснување, што значи зборот Бугарофрон (Βουλγαρόφρων). Имено, токму со тој збор – Бугарофрон, Никола Карев е опишан од новинарот што го спроведувал интервјуто (…δεν εδυσκολεύθη να μου είπη, αφού προηγουμένως έρριξε γύρω του μερικά βλέμματα ύποπτα ότι είναι Βουλγαρόφρων και μέλος του κομητάτου) …”Него не му сметаше (немаше проблем) да ми каже, откако претходно фрли неколку сомнителни погледи околу него, дека беше “Бугарофрон” и член на комитетот.

За значењето на зборот Бугарофрон, Елефтерија Вамваковска вели: ” Бугарофрон, во буквален превод би значело – човек што мисли на бугарски начин, којшто мисли како што мислат сите Бугари. Денес Грците имаат сличен термин – етникрофрон кој има слично значење, имено – човек што мисли на својата нација, односно Грк кој мисли на Грција”.

Вамваковска потоа го кажува и следново: “Денес Македонците во Егејска Македонија своите сонародници кои се погрчиле ги нарекуваат – етникофрони. За нив во 50-те и 60-те години се издаваа и посебни уверенија дека се етникофрони, а заедно со нив се издаваа и уверенија за подобност, наречени – пистопиитикон киноникон фрониматон кои беа потребни дури и за полагање на приемните испити на факултетите”.

Значи јасно е дека новинарот на весник Акрополис, во 1903 год. го идентификува Никола Карев како Бугарин што мисли на својата – бугарската нација. Да истакнеме дека зборот за “националист” во денешниот грчки јазик е “εθνικόφρων”, а зборот за нација – “έθνος”

Со истиот збор – Бугарофрон (Βουλγαρόφρων), денес на Википедија на грчки јазик е опишан Васил Чекаларов, своевремено наречен најопасниот непријател на Елада.

Е, сега. Во 2003 год. во списанието Гласник на институтот за национална историја, год.47, бр.1/2 од 2003 год. г-ѓа Елефтерија Вамваковска пишува статија, која е речиси целосно иста со нејзиното интервју за “Утрински весник” од 2000 год. Но, не сосема иста, бидејќи во статијата од 2003 год., зборот “Бугарофрон”, маѓично се преобразува во “Бугарофон”. Така наместо како човек што мисли за бугарската нација, Никола Карев наеднаш е представен само како човек што зборува бугарски.

Исто така, во статијата од 2003 год. нема ниту збор за објаснувањето на зборот “Бугарофрон” и тој дел од интервјуто г-ѓа Вамваковска во “Утрински весник ” во 2000 год. наеднаш исчезнува. Останатите делови на статијата во Гласникот на ИНИ, се исти како интервјуто во Утрински весник.

Сега да преминеме на преводот на интервјуто. Несомнено е дека г-ѓа Вамваковска одлично го познава грчкиот јазик, бидејќи преводот е точен, освен на неколку клучни места. Да одиме со ред.

Интервјуто започнува со следните реченици:

– Македонец ли си? Го прашувам.

– Да.

– И следователно Грк.

– За ова не знам, ми одговори, јас сум Македонец.

– Директен наследник на Александар Велики? Му велам иронично.

– Да.

– И Александар Македонски што беше, ве молам?

– Не знам, но историјата вели дека бил Грк.

– Тогаш и ти, како негов наследник, си Грк.

Затоа за мене е невозможно, таа да не знае дека реченицата “Δεν μου απήντησε” не се преведува како: “- Не, ми одговори.” (во смисол ми одговори со НЕ), туку се преведува како: “Не ми одговори.” (во смисол не ми одговори на прашањето).

Дека точниот превод е “Не ми одговори.”, се гледа и од следната реченица на интервјуто: – Значи, тогаш го прашувам пак, зошто кога веќе сте Грк сакате да се ослободите преку (со помош) на Бугарија?

Дали има смисла новинарот да му вели на Карев дека е Грк, ако Карев во претходната реченица, јасно му кажал дека не е? Но има смисла, ако Никола Карев не одговорил на претходното прашање.

Никола Карев зборува дека сите други соседни држави треба да ја помагаат работата на Комитетот, т.е. на ВМОРО. Тој прави споредба на работата на Комитетот со реченицата:

“- Да, да ова што ви го велам јас повтори Карев – едно дрво кое ја проби земјата и изникна, зошто да не го вадат сите за да порасне?”

Тука г-ѓа Вамваковска испушта да преведе цела една реченица од оригиналното интервју, односно репликата на новинарот на прашањето на Карев. Се работи за следната реченица:

“- Και αυτό το δένδρο το ποτίζει μόνον η Βουλγαρία τώρα ε;”

што во превод значи “И само Бугарија го наводнува ова дрво сега, нели?”

Потоа преводот на интервјуто продолжува со одговорот на Никола Карев, кој вели: “Да”. На тоа грчкиот новинар му одговара: “Да, но знаете со што го вади Бугарија. Со отров на омраза кон грцизмот”.

Значи очигледно треба да се премолчи фактот, дека според Никола Карев, во 1903 год. Бугарија била единствената држава која ја помагала дејноста на Комитетот, т.е. ВМОРО. Тој факт треба по секоја цена да се крие од македонските граѓани, бидејќи ним одамна им се сервира верзијата дека виновникот за неуспехот на Илинденското востание е токму Бугарија, односно “кобуршкиот бугарски двор”.

Понатаму следува реченица, која во еден дел е погрешно преведена, со што според мене, истатат ја губи својата смисла.

Оригиналот на реченицата е:

“Ότι και αν είναι αυτό το πότισμα, αυτό μας δροσίζη και μας έκαμε να στρέψωμεν τα κλαδιά μας προς εκείνο το μέρος προς το οποίον ομολογούμεν ότι τίποτε δεν μας συνδέει και να φύγωμεν από σας με τους οποίους έχομεν ένα αίμα και μία ιστορία, αυτό είνε τρόπον τινά μία διαμαρτυρία εναντίον της Ελληνικής αδιαφορίας”.

Госпоѓата Вамваковска за оваа реченица го дава следниот превод:

“- Како и да е ова вадење (полевање), не освежува и не натера да ги

завртиме гранките кон онаа страна кон која, признаваме дека ништо не не

поврзува и да бегаме од вас со кои немаме иста крв и иста историја; ова

е на некој начин протест против грчкото интересирање (за нас)”.

Од ова произлегува дека Никола Карев му кажува на новинарот, дека членовите Комитетот немаат ништо заедничко ниту со Бугарија, ниту со Грција. Дали има смисол одговорот, дека Комитетот се завртел кон Бугарија, со која ништо не го поврзувало, а со тоа побегнал од Грција со која исто така членовите немале иста крв и иста историја, заради грчката незаинтересираност?!

Точниот превод на делот од текстот: “και να φύγωμεν από σας με τους οποίους έχομεν ένα αίμα και μία ιστορία” според мене е “и да бегаме од вас, со кои имаме иста крв и историја”.

Значи во оригиналното интервју, Никола Карев на новинарот му рекол дека членовите на Комитетот, ИМАЛЕ иста крв и историја со Грција!

Во претпоследната реченица од преводот на интервјуто, можеме да го прочитаме следното:

“- Имате право какви учители имавте такви лекции научивте…”

Како што гледаме тука имаме три точки, што значи реченицата не е завршена. Ајде да видиме, кој е тој текст, што македонските граѓани не треба да го знаат.

Во оригиналното интервју новинарот му вели на Карев:

Έχετε δίκαιον τέτοιους δασκάλους είχατε τέτοια γράμματα εμάθατε ή καθώς λένε στην Ελλάδα, κατά τον Μαστρογιάννη, την Βουλγαρία και τα κοπέλια του.

Или во превод:

“Имате право какви учители имавте такви лекции научивте, или како што велат во Грција, според Мастројанис, Бугарија и нејзините девојки”.

Значи новинарот на Акрополис му вели на Карев, дека Комитетот е целосно приврзан со Бугарија.

До ден денес, интервјуто на Никола Карев од 1903 год. се наоѓа и на Википедија на македонски јазик, со преводот на г-ѓа Вамваковска. Последаното уредување на текстот на страницата било направено на 2 август 2023 год. Интересно е дека, на Википедија на македонски јазик има и верзија на англиски јазик, направена во pdf формат. Англиската верзија меѓутоа, е адаптација на македонскиот превод на Елефтерија Вамваковска, а не на оригиналното интервју во весник Акрополис.

Од друга страна, на Википедија на грчки јазик, се наоѓа целосното интервју, онака како што е дадено во весник Акрополис на 08.05.1903 год.

Да земеме дека интервјуто на Никола Карев е автентично и дека се напишано во него, го кажал токму Никола Карев. Како од тоа интервју и од сето погоре наведено, може да се извлече заклучок дека Карев не е Бугарин, туку Македонец – по народност?

Па истото ова за дејците на Комитетот, т.е. ВМОРО, го пишува нивниот современик Крсте Петков Мисирков. Во неговата книга “За македонцките работи” издадена во 1903 год. – која што е една од најпознатите книги во денешна Македонија, Мисирков пишува дека ВМОРО е бугарска организација и дека дејците на ВМОРО не можат никого да залажат со тоа што кажувале дека се борат за “Автономија на Македонија”.

“И така револ’уциониiо комитет беше чисто македонцка организациiа по произлез и по состаот му, но тоа беше само работа на iедна част од iедна од македонцките нацiоналности, врзана по име и ло црковно-сколиiцките работи со бугарцкиiо народ и држаа и нивните интереси. Тоiа комитет, во сашност македонцки, за надворешниiо свет и за рисiаните во Македониiа не екзархисти, беше комитет бугарцки.

Комитето не можа да докажит ни на надворешниiо свет, ни на самите македонци не екзархисти, оти он не iет бугарцки.

Радев со своiот „Mouvement Macedonien” мислеше да убеди Европа, оти движен’ето iет чисто македонцко, и немат нишчо обшчо со Бугариiа. Истото сакаа да докажат и „Право” и друзите македонцки и бугарцки ноини. Но достигнаа ли они цел’ата? – Не.

“Не само интелегенциiата на сите народности, не и на болшинството од ниф, ами па и интелегенциiата на наi силната македонцка народност – словените, не сета беше застапена во комитето: србоманствуiук’ата и гркоманствуiук’ата македонцка словенцка интелигенциiа беше на страна от комитетот па и враждебна”.

Слични Објави