| |

4 мај- време на поделби и загубени идеали

Владимир Перев


1.
Последниве години, чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев на 4-Mај, во дворот на црквата Св. Спас во Скопје е пропратен со мрачни чувства на присутните, на гостите, но и на македонските политичари, кои толку многу говорат за него и неговата историска ролја. Наместо за единство и соработка, најмногу се говори за сопственото величие на политичарите, се напаѓаат претходниците од власта, кои си заминаа само пред околу две години, се говори за непомирливост со “другите“, се говори за “одбраната“ на сопствениот идентитет и за ред други фрази, толку многу употребувани, што веќе станаа излитени за ушите и свеста на обичниот граѓанин. Нормално, покрај ликот и делото на Гоцета, “бугарското прашање и нашата македонска непомирливост“, се втората најважна тема за разговор. 

2. 
Како и порано, така и оваа година, македонските бугари, заедно со членовите на бугарската амбасада во Скопје, го чествуваа ликот и делото на Гоце во раните попладневни часови, сами и без учество на претставници на Северна Македонија…нормално, со огромно полициско обезбедување. Мачни слики преку кои власта сака да ја покаже својата макијавелистичка грижа за “источниот сосед“, како што најчесто  умеат да кажат македонските политичари. 

3. 
Амбасадорот Желјазко Радуков одржа краток, навистина краток но многу инспиративен говор. Задржувајќи се на Гоцевата максима “светот како поле за културен натпревар“, проговори за културата на оние “патриоти“, кои години по ред, по ставањето на венци на саркофагот на херојот и заминувањето на бугарската делегација, систематски од венците и цвеќето, ги тргаат бугарските симболи – бугарската тробојка која како лента  се наоѓа на сите венци. “Беден патриотизам“ (не го рече тоа дипломатот Радуков), велам јас и повеќето  од присутните. 

4. 
Годинешново чествување, покрај евидентната нетрпеливост на етничките македонци кон бугарската народносна заедница во Македонија, го прикажа и целосниот раскол во редовите на македонското општество. Изјавите на премиерот Мицкоски дадени пред новинарите, полни со латентна агресивност и евидентна ароганција, беа во целосна спротивност со изјавите на лидерот на СДСМ Венко Филипче. И двајцата говореа за македонскиот идентитет, но од спротивни позиции. Додека Мицкоски ја величаше сопствената борба за зачувување на идентитетот и упорноста на борбата до победа, дотогаш Филипче отворено кажа дека македонскиот идентитет воопшто не е загрозен од никого, а најмалу од правата, не само на бугарската заедница во Северна Македонија, туку и од другите народносни заедници, како црногорската, хрватската, еврејската и ред други.  

Не е тоа расцеп само во македонскиот блок, тоа е расцеп и внатре во ДПМНЕ, каде Мицкоски е ставен на преиспитувања за неговиот однос кон бившиот лидер и актуелниот бегалец од законот, Никола Груевски. Поделбите се крајни, едните бараат да се врати во земјата, а другите да  замине во неповрат, некаде далеку и да остане непознат. Времето и внатрешните борби во ДПМНЕ кои се во тек, ќе го дадат резултатот. 

5. 
На 4-ти Mај не е само гибелта на Гоце Делчев. На таа дата во 1980 година, почина југословенскиот вечен претседател, диктаторот Јосип Броз Тито. Речи си сите канали на телевизиите, сите радија и портали, ја одбележаа неговата смрт. Чувствата кон него беа меки, најчесто можеше да се чуе думата “контроверзен“, но ниту една дума не се кажа за наговите злосторства, за убиствата без суд и пресуда, за тиранскиот и недемократски начин на владеење…најмногу и сосема ретко се кажа “контроверзен“. И нормално, како за секој култ, секогаш се говореше за “среќните“ времиња на животот со него. Тој стана олицетворение на некои загубени идеали и економско политички статуси, кои, реално гледано, ние македонците никогаш не сме ги имале. 

6. 
На фаталната мајска дата, не гине само Гоце Делчев, не умира само “контроверзниот“ тиранин Тито. На таа дата, во месноста Мисиркови воденици, на патот меѓу селата Дреново и Фариш, паѓа убиен Пере Тошев, блескавата личност на ВМРО, “совеста на Организацијата“. Поткажан од агентурата во Софија, тој влегува во заседа на само неколку часа од своето село. Убиен е на спиење, во моментите кога мислел дека е блиску до слободата. Тоа е годината 1912, во навечерието на Првата Балканска војна, а Пере доаѓа во родниот крај, да ја организира заднинската, комитска поткрепа на бугарската армија, чиј победоносен од го очекува целиот македонски народ. 

7. 
Освен малата шепа прилепски патриоти, дури и македонисти, никој не се сети за една од најтешките жртви на Организацијата, во времето кога се очекуваше нејзината победа. Молк низ медиите во Северна Македонија и Бугарија. 

Многубројно е Тошевото племе, распилени низ бугарските етнички пространства. Ги има во Прилеп, во Софија, Пловдив, Асеновград и каде ли не. Сите се образовани, лекари, инженери, фармацевти, филолози, правници…и сите сѐ со споменот на својот предок. 

Пере Тошев бил совеста и чесноста на ВМРО. Денес партиите наследници на неговото дело, одамна заборавиле на совеста и чесноста. Денес се гордеат со омразата и зависта. 

Да не го заборавиме Перета, неговите доблести ќе ни требаат уште повеќе во (не)времето кое доаѓа…



Слични Објави