| |

Поразот на политиката на Мицкоски во една реченица

Ивон Величковски

Повикот на премиерот граѓаните на Северна Македонија да летуваат дома поради електронскиот систем за евиденција на влез/излез во Шенген зоната (ЕЕЅ) покажа колку неговата владина политика е неоснована.

Медиумите на македонски (како и оние во Србија) ја “хранеа” кампањата на Мицкоски (и Вучиќ) дека ЕЕЅ ќе биде одложен.

Први на удар се најдоа превозниците.

Сега последиците се за сите.

Да, системот е непријатен за сите нас од нешенгенските земји.

Исто како што сите знаеја дека непријатноста ќе расте во “шпицот” на туристичката сезона.

Летната, а потоа и зимската.

Се додека не сме во Шенген.

Непријатноста е помала за носителите на дипломатски пасош – амбасадори, пратеници и членови на Владата.

За нив пристапот до границата е приоритетен – додека останатите чекаат во ред – на аеродром или сувоземен премин сеедно.

Додека вие чекате со часови во врел автомобил со мало дете, за нив ќе се отвори другата рампа.

По потреба и на лентата за камиони. На која превозниците од Северна Македонија стојат со денови.

И затоа ќе ве упатуваат да си летувате на домашните планини и да ги бодрите да не применат Преговарачка рамка и да не преговараат за полноправно членство во ЕУ.

А за перверзијата да биде комплетна, премиерот тоа ви го порачува од одбележувањето на смртта на Гоце Делчев – човекот кој – по цена на сопствениот живот – веруваше дека неговиот народ може да се натпреварува рамноправно со останатите во Европа и да биде слободен.

Додека премиерот од партијата што вели дека е “континуитет” на револуционерата ВМРО не се бори за европската реалност и иднина на својот народ и својата нација – затоа што за (таквите како) него ЕУ е “проклетство” на владеење на правото. И контрола на сопствените граници.

Слични Објави