Бугарскиот кревач на тегови Карлос Насар по трет пат во својата кариера стана светски првак со нов светски рекорд
Бугарскиот феномен во кревањето тегови, Карлос Насар, по трет пат во својата кариера стана светски шампион, овој пат во категоријата до 94 килограми на Светското првенство во Фјорде. Насар го освои златото со вкупен резултат од 395 килограми, поставувајќи нов светски рекорд во исфрлањето – 222 килограми, јавува Спортал.
Во првото движење Насар започна успешно со 173 килограми, но не успеа во следните два обиди – на 178 и 182 килограми, што го остави на четвртото место. Лидер во оваа дисциплина беше Иранецот Алиреза Моени Седех со 182 килограми, што исто така претставуваше светски рекорд.
Во второто движење, Насар доминираше: прво успешно подигна 210 килограми, потоа 219 килограми, со што практично си ја обезбеди титулата по неуспехот на иранскиот натпреварувач Алипур. Но бугарскиот ас не застана тука – во третиот обид подигна 222 килограми, поставувајќи нов светски рекорд и запечатувајќи ја својата победа.
Со оваа титула, Карлос Насар стана 12-тиот бугарски натпреварувач кој има три светски злата во историјата на спортот. Пред него, тоа им успеало на легенди како Атанас Киров, Асен Златев, Александар Врбанов, Нено Терзиски, Севдалин Маринов, Николај Пешалов, Јото Јотов и Златан Ванев.
На врвот на вечната листа на бугарските шампиони останува Јанко Русев со пет светски титули, додека апсолутниот рекордер е советската легенда Василиј Алексеев, со осум светски титули.
