Бугарскиот билет за спас
За време на Втората светска војна, Бугарија издава над 12 000 транзитни визи на Евреи
Еврејски бегалци од Европа окупирана од Хитлер на пат преку Средоземното Море до Палестина.
Најголемото страдање на ХХ век е Втората светска војна. Страшна страница од нејзината историја е геноцидот врз милиони Евреи за време на Холокаустот. Крвавите лекции од минатиот век доведоа до потпишување на Женевската конвенција за заштита на цивилите во време на војна и Универзалната декларација за човекови права од 10 декември 1948 година. Во документот се нагласува дека човековите права и слободи се дадени со раѓање и државните органи мора да гарантираат рамноправност, заштита од насилство и лошо постапување кое влијае на човечкото достоинство. Војната секогаш е скарана со законот. Таа не е натпревар по хуманизам. Но, и во војна, за да се ограничат страдањата и загубата на човечки животи, сите се должни да се водат според таканаречениот срцев закон – Caritas, кој е задолжителен барем за бегалците.

По принципот Caritas во периодот 1939-44 година, Царството Бугарија издава илјадници визи на Евреите кои бегале од нацистите во Европа. На оваа малку проучена тема е посветен најновиот документарен зборник на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките. Неговиот директор, проф. Даниел Вачков, вели дека во книгата „Мостот на спасот – транзит на Евреи низ Бугарија за време на Втората светска војна“ документите јасно разграничуваат два периоди: Едниот е кога Бугарија била неутрална и се обидувала да не биде вклучена во војната, а илјадници Евреи тогаш поминале низ земјата на пат кон Блискиот Исток со бугарски транзитни визи до пролетта 1941 година. Втората, кога земјата е принудена под закана од целосна окупација да влезе во војната – потоа продолжува да издава визи за спасување на Евреите, но во поограничени размери.

„Во оваа ситуација, мораме да кажеме дека Бугарија мора да маневрира меѓу многу фактори, и покрај тоа, таа успева да води сопствена политика во однос на ова што се појавува како страшен проблем – еврејскиот геноцид, што не е лесно. Во првиот период на неутралност Бугарија е многу активна земја за транзит на еврејските бегалци кои веќе се заробени во замката на нацистичката доминација во Европа. Низ Бугарија минуваат евреи претежно од Централна Европа – од Чешка, Унгарија, Романија, во помала мера од Полска. Тие бегалци пристигнуваат или со воз или со брод по Дунав. Извесен период се сместуваат во бугарските пристаништа додека да ја добијат потребната транзитна виза, а потоа со разни бродови се организирало нивното префрлање во Палестина“.
Колонијални драми на Велика Британија на Блискиот Исток се покажале како пречка за еврејската емиграција низ Бугарија и Турција. Британската дипломатија активно протестира и го попречува транзитот на Евреите. Обидот за евакуација на 4500 еврејски деца и 500 возрасни кои ги придружувале низ Бугарија преку швајцарскиот Црвен крст се претворил во трагично сценарио. Организираното објавување на информациите за тајните преговори во медиумите си ја постигна целта и тие пропаднале, вели проф. Вачков.
„Тие преговори се водат на највисоко ниво, од страна на министерот за надворешни работи. Забележете го времето кога почнуваат и се водат тие преговори – на крајот на 1942 година и почетокот на 1943 година, кога бил страшниот притисок на Германија да се депортираат Eвреите. Тоа покажува дека владата имала однос кон Евреите кој не соодветствувал со оној на Рајхот и тоа се гледа од документите“.
Сè уште недостасуваат сите документи за да може со сигурност да се каже колкав е точниот број на спасени Евреи кои добиле бугарски транзитни визи, објаснува историчарот и додава:„Тоа беше билет за спас за нив. Добивајќи ја таа виза, тие можеле да поминат, да стигнат првин во Турција, а оттаму во Палестина. Во текот на целата војна, имајќи го предвид интензивниот транзит на Евреите со бродови, особено до 1941-42 година ја знаеме и трагедијата со бродот „Струма“*, торпедиран од руска подморница, но станува збор за 12 000 еврејски бегалци за кои е докажано дека поминале низ Бугарија. Лично сметам дека сепак, во однос на визите, може да се откријат повеќе и бројката да достигне 15 000. Така што, зборуваме за еден многу важен момент и многу важна улога на Бугарија во една исклучително критична ситуација за време на Втората светска војна“.

Истражувачот смета дека е неопходно зборникот да биде преведен и на англиски јазик. Тој е убеден дека тоа нема да чини скапо бидејќи повеќето од новите и богати архивски извори што се користат се на англиски јазик, со исклучок на бугарските и германските документи.
*Бугарскиот брод „Струма“ тргнува од црноморското пристаниште Констанца (на територијата на денешна Романија, бугарска територија – до 1919 година). По несреќа, со влечење стигнал до Истанбул. 70 дена останал блокиран од британските власти, кои не му дозволиле да стигне ниту до турскиот брег. На 24.02.1942 година е торпедиран на 14 милји од Босфорот. Загинале 103 деца, 269 жени и 406 мажи – романски и руски Евреи.

