Галетановски нуди награда од 2–3 илјади евра за информации за палењето на неговиот автомобил
Поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје и актуелен претседател на Градската организација на СДСМ, Ѓорги Галетановски, се огласи на својот Фејсбук-профил по неодамнешниот инцидент со палењето на неговото возило.
Галетановски најпрвин им се заблагодари на пријателите и колегите за поддршката, пораките и телефонските повици. „За жал, некогаш треба да ни се деси лоша работа за да видиме кој е до нас. Фала ви другари за поддршката… не ви го заборавам ова и на сите ви должам,“ напиша тој.
Тој додаде дека никогаш не ги делел пријателите по вера или по партија и дека и понатаму ќе продолжи да им помага на луѓето колку што може, без разлика на политичка или религиозна припадност.
Галетановски најави дека ќе направи сè заедно со институциите да се дознае кој стои зад инцидентот, потенцирајќи дека е уверен дека вистината ќе излезе на виделина.
Во објавата тој понуди и награда од 2.000 до 3.000 евра за секој што ќе достави веродостојна информација за извршителот или за нарачателот на палењето на неговото возило.
