Украинци и Бугари заедно го прославија Денот на независноста на Украина во Софија
Десетици Украинци, како и бугарски државјани, се собраа пред споменикот на Тарас Шевченко, лоциран во градината на плоштадот „Преродба“ во бугарскиот главен град Софија, за да го прослават Денот на независноста на Украина, јавува БГНЕС.
Потоа со бугарско и украинско знаме се упатија кон Народниот театар „Иван Вазов“, извикувајќи „Ви благодариме!“, „Слава на Украина!“ и „Слава на хероите!“.
Украинските граѓани организираа концерт пред Народниот театар за Денот на независноста на Украина и во знак на благодарност до Бугарите за нивното сочувство.
„Јас сум Бугарин со руско потекло. Тука сум да го поддржам и да ја покажам мојата солидарност со украинскиот народ кој се бори за нашите заеднички европски вредности“, изјави Петар Танев за БГНЕС и додаде дека навистина му е драго што неговата втора татковина Русија не успеала да ја постигне целта. Тој изрази надеж дека Украина ќе биде целосно слободна. Танев додава дека денес Украина има вистински празник – Денот на независноста, посочувајќи дека слободата е најважното нешто што едно општество може да го постигне.
Петар Танев е категоричен дека вистинска бугарштина е да се поддржува секој еден народ, без разлика каков е тој, ако е угнетуван од диктаторска држава.
Константин Стамболов за БГНЕС објасни дека од првиот момент на војната бил целосно за Украина. „Оваа рашистичка власт мора да биде уништена. Таква е ситуацијата“, рече тој.
Стамболов му посака на украинскиот народ да успее да го протера напаѓачот од територијата на својата земја, потоа да може да се опорави, што ќе биде многу тешко, ова се двете главни задачи пред него. „Уште првата недела по 24 февруари, реков дека отсега нашата судбина целосно зависи од Вооружените сили на Украина. Се покажаа како народ. За нив изразот „Слобода или смрт“ не е бесмислен, напротив, го исполнија со значење и го покажуваат“, рече тој.
Пред Народниот театар е и адвокатката Билјана Коцакова за да му изрази поддршка на овој народ кој се бори за својата слобода. „Ние сме должни во секој момент да го слушаме зборот и со своите постапки да го исполниме со значење кога укажуваме на злото и недвосмислено да застанеме покрај нив. Сите овие луѓе се собраа да го прослават националниот ден на Украина и да изразат сочувство. Слушнавме зборови на благодарност до Бугарија, зборови дека сме заедно и тоа силно го кажуваме, дека ќе се бориме за сечија слобода и нивното право да ги брани вредностите што не обединуваат“, изјави таа за БГНЕС.