ЗОШТО НЕКОИ ЛУЃЕ ПОЧЕСТО ГИ КАСААТ КОМАРЦИ ОД ДРУГИТЕ

Се испоставува дека околу 20 проценти од луѓето се особено вкусни за комарците и постојано се нивни жртви за време на летните месеци. Додека научниците сè уште немаат лек за ова, освен да се спречи каснувањето со најразлични средства против комарци (на што, неодамна откривме, некои комарци можат да станат имуни со текот на времето), тие имаат неколку одговори за тоа зошто некои од нас повеќе се склони кон каснување од другите. Еве некои од факторите кои би можеле да играат улога:

КРВНАТА ГРУПА

Не е изненадувачки – бидејќи, на крајот на краиштата, комарците нè напаѓаат со цел да го исконзумираат протеинот од нашата крв. Една студија покажа дека во контролирана околина, комарците слетале на луѓе со О (нулта) крвна група речиси двапати почесто одколку оние со крвна група А. Луѓето со крвна група од типот Б се некаде во средината кога се работи за оваа појава. Покрај тоа, врз основа на други гени, околу 85 проценти од луѓето лачат хемиски сигнал преку нивната кожа, што укажува на тоа кои вид на крвна група имаат, додека 15 проценти не издаваат, а комарците се повеќе привлечени од оние кои емитуваат сигнал, без разлика на која крвна група припаѓаат.

ЈАГЛЕРОД ДИОКСИД

Еден од клучните начини на кој комарците ги лоцираат своите жртви е преку мирисот на јаглеродниот диоксид испуштен во нивниот здив – тие го користат органот наречен максиларна палпа за да го направат ова, и може да детектираат јаглерод диоксид од околу 50 метри оддалеченост. Како резултат на тоа, луѓето кои едноставно издишуваат поголем дел од гасот со текот на времето – генерално, поголеми луѓе – се покажало дека се попривлечни за комарците од другите. Ова е една од причините зошто децата се малку поретко касани од возрасните, во целина.

ВЕЖБАЊЕТО И МЕТАБОЛИЗМОТ

Покрај јаглеродниот диоксид, комарците ги наоѓаат жртвите во својата близина и по мирисот на млечната киселина, уринарната киселина, амонијакот и други супстанции кои се лачат преку потта, а исто така ги привлекуваат и лица со повисока телесна температура. Бидејќи напорното вежбање го зголемува создавањето на млечна киселина и топлина во вашето тело, вежбањето најверојатно ќе ве направи попривлечни за инсектите. Во меѓувреме, генетските фактори влијаат на износот на уринарна киселина и други супстанции кои природно се лачат, што ги прави некои од луѓето полесна мета за комарците од другите.

КОЖНА БАКТЕРИЈА

Други истражувања сугерираат дека одредени видови бактерии кои природно живеат на човечката кожа влијаат на нашата атрактивност за комарците. Во една студија од 2011 година, научниците открија дека има големи количини на неколку видови бактерии кои ја прави кожата попривлечна за комарците. Ова звучи веродостојно, бидејќи комарците се особено склони да нè касаат по глуждовите и стапалата – места кои природно имаат повеќе робусни колонии бактерии.

ПИВО

Само едно шише пиво може да ве направи попривлечни за инсектите, открива студија. Истражувачите се сомневаа дека ова е поради тоа што пиењето го зголемува количеството на етанол излачуван во потта, а тој пак ја зголемува температурата на телото.

БРЕМЕНОСТ

Во неколку различни студии, бремените жени се приближно двапати повеќе каснувани од комарци од другите, најверојатно како сплет на два фактора: тие издишуваат околу 21 процент повеќе јаглероден диоксид и во просек се околу 1,26 степени целзиусови степени потопли од другите.

БОЈАТА НА ОБЛЕКАТА

Ова може да изгледа апсурдно, но комарците користат вид (заедно со мирис) за да ги лоцираат луѓето, па затоа боите што ги издвојуваат (црна, темно сина или црвена) може да ве направат нивна мета, барем според Џејмс Ден, медицинскиот ентимолог на Универзитетот во Флорида.

 

Слични Објави