Турхут Исмаил- муслиман кој гради, реновира и реставрира христијански храмови во Бугарија
Има луѓе кои дојдоа на овој свет со мисија. Тие ни го осветлуваат патот, им даваат смисла на нашите денови и го прават животот подобар. Што може да те натера да ја дадеш целата своја енергија за изградба и обнова на храмови?
Турхут Исмаил е муслиман кој гради и обновува цркви. Тој беше номиниран во кампањата на БНР за просветител на 2022 година. Неговиот сон е да изгради храм на мост. Има дури и готов проект. Сепак, додека да му се оствари сонот, тој работи на реставрација на преродбенските цркви во Котленскиот Балкан.
Ја видов моќта на храмот, вели Турхут Исмаил.
„Во храмот човекот има страв од Бога, станува поморален. Нема држава без храм. Луѓето ме прашуваа: „Зарем твоите муслимани не те обвинуваат што ги обновуваш?“ Не, верникот го почитува другиот верник. Може да нема почит меѓу атеистот и верникот“.
И така веќе 11 години Турхут Исмаил, кој е градежен предприемач, работи на реставрација на стари христијански храмови во малите села во Странџа и Котленскиот Балкан. Учествувал во возобновувањето на 14 православни и една католичка црква.
Има еден Бог, вели Турхут и ја повторува максимата што го води. Не е важно кому му се поклонувате, туку какви дела правите.
„Реставрацијата, конзервацијата и обновата на црквата е покомплицираниот дел. Тука не смее да се дозволи храмот да се урне. Па дури и црквата да ја изградил Кољо Фичето или Уста Генчо, кога ќе влезе некој мирјанин треба да си помисли дека Кољо Фичето туку што завршил со работа“.
Црква стара речиси 200 години во котленското село Катуниште е последниот проект што го работи Исмаил. Сливенската митрополија обезбедила 30 илјади лева за реновирањето на малата црква „Света Троица“ во селото. Храмот е изграден во 1830 година и е во многу лоша состојба. Турхут Исмаил се справува со итни поправки:
„Сега пред зимата правиме само итно реновирање за да не дојде до голема неволја. Живот и здравје, напролет ќе продолжиме со реставрацијата“.
И додека ги средува своите задачи, меѓу кои реставрацијата и зографирањето на две цркви во Лозарево и Сунгурларе, Турхут веќе работи на својот проект од соништата за да им остави храм на луѓето во селото Венец. Ќе го носи името на „Свети Трифун“, кој е многу почитуван во овој лозарски регион.

