Во Валенсија одбележана 80-тата годишнина од спасувањето на бугарските Евреи
Осумдесетгодишнината од спасувањето на бугарските Евреи беше одбележана во културниот центар “Bancaja” во шпанскиот град Валенсија. Гости на настанот беа претставници на еврејската заедница „Авив“, генерални и почесни конзули акредитирани во Валенсија, градоначалниците на градовите Годеа – Тереза Буено Маркес и Чиривеа – Мишел Монтанер, претставници на адвокатската комора во Валенсија, познатиот бугарски актер Васил Василев-Зуек и Бугари што живеат во Валенсија. Настанот го организираше Генералниот конзулат на Бугарија во градот, објави изданието „Нова Дума“.
Посетителите имаа можност да ја погледнат изложбата „Моќта на граѓанското општество за време на Холокаустот. Случајот на Бугарија (1940-44)“ и да ja видaт бугарско-германската копродукција „Патување во Ерусалим“ на режисерот Иван Ничев, со учество на Васил Василев-Зуек.
Во својот поздравен говор, генералниот конзул на Бугарија во Валенсија, Надја Крстева, ја истакна храброста и високиот морал на бугарскиот народ, кој се спротивставил на притисокот на нацистичкиот режим и ја спасил целата своја еврејска заедница, која брои 48.000 луѓе, од депортација во нацистичките концентрациони логори на смртта за време на Втората светска војна. Таа ја истакна важноста и димензиите на подвигот на бугарското општество да ги спаси бугарските Евреи и го определи како извонреден пример за денешните генерации во борбата против антисемитизмот и сите манифестации на омраза. Во својот говор, генералниот конзул го привлече вниманието на улогата на бугарската дипломатија во спасувањето човечки животи за време на Холокаустот.
„Дипломатите како Никола Пецев, Љубен Златаров, Никола Ванчев, Хенри Левенсон, Бојан Атанасов, кои издадоа транзитни визи и спасија илјадници Евреи, меѓу кои и многу деца и жени, се доказ за храброста и за вистинскиот демократски и толерантен бугарски народ“, рече Надја Крстева.
Конзулот на нашата земја Илијан Илиев ги запозна присутните со историските факти и напорите на јавните личности, претставници на Бугарската православна црква, политичари и интелектуалци кои одбија да ги предадат своите еврејски сонародници и успеаја да ги заштитат од логорите на смртта.
Актерот Васил Василев-Зуека од прво лице ја претстави приказната за создавањето на филмот „Патување во Ерусалим“. Потоа, гостите ја следеа бугарско-германската продукција која раскажува за спасувањето на две еврејски деца кои бегаат од нацистичка Германија.

