Украина вели дека напредуваат; Зеленски: Ова е тешко, одиме чекор по чекор
Украина објави дека нејзините трупи зазеле повеќе територии по должината на источниот и јужниот фронт, како што претседателот Володимир Зеленски го нарече напредок во тешката недела на контраофанзивата на Киев против руските сили. Во минатонеделните тешки борби украинската армија врати 37,4 квадратни километри територија, објави заменик-министерката за одбрана, Хана Малијар.
Таа рече дека киевските трупи напредуваат во правец на Бахмут на истокот на Украина, а руските сили напаѓаат во правец на Лиман, Авдивка и Маринка во областа Донецк на истокот на земјата. Минатата недела Украина успеа да врати девет квадратни километри територија по должината на источниот фронт „како резултат на подобрување на оперативната (тактичка) позиција и усогласување на линијата на фронтот“, рече Малијар.
На југ Украина успеа да врати 28,4 квадратни километри територија, што ја зголеми вкупната површина на повторно заземена територија по должината на тој фронт на 158,4 квадратни километри, додаде Малијар.
„Минатата недела беше тешка на линијата на фронтот. Но, напредуваме“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
„Одиме напред, чекор по чекор! Им благодарам на сите што ја бранат Украина, на сите што ја водат оваа војна кон украинската победа!“
Русија, која почна голема инвазија на Украина во февруари 2022 година, објави за време на викендот дека нејзините сили ги одбиле украинските напади во близина на селата околу Бахмут и во областите појужно, особено во близина на градот Вуледар на врвот на ридот. Таа исто така извести за успешното запирање на украинските трупи на североистокот на земјата.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, рече дека краткиот бунт минатиот месец на платеничката група „Вагнер“ не влијаело на „специјалната воена операција“ на Русија во Украина.
„Провокацијата не влијаеше на акциите на воените групи вклучени во операцијата“, рече тој на состанокот на министерството. „Ројтерс“ не можеше да ги потврди информациите од боиштето.
