За “корените”, коишто не можат да дадат плод
Пишува: Зоранчо Маринков
Овие денови повторно е актуелна темата за предлог-резолуцијата доставена до американскиот Сенат, со која се има за цел прогласување на септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Оттука интересно е да се потсетиме на некои историски факти поврзани со Америка и македонското прашање. Уште од 1864 год. американските протестантски мисионери во Цариград го издаваат весникот “Зорница” на бугарски јазик. Истите тие американски мисионери во 1888 год. го отфрлиле предлогот на српскиот амбасадор во Цариград, Стојан Новакович, покрај на бугарски, весникот “Зорница” да го издаваат и на македонски јазик. Причината за тоа отфрлање на предлогот, била увереноста на американските протестантски мисионери кон крајот на 1888 год. дека бугарскиот и македонскиот се еден ист јазик.
Овој прв меѓународен пораз на неговата идеологија, го соопштил самиот Стоја Новаковиќ во писмото што му го испратил на министерот за просвета и црковни работи на Србија, Владан Ѓорѓевиќ, на 4 декември 1888 година.
“Кога еден пат ова лето во август, во вашата куќа заедно со уште неколку патриоти ги разгледувавме овие прашања и планот за работа за српската идеја во Македонија, се сетив, дали нешто не би можело да се направи кај тукашното американско Мисионерско друштво, кое што го издава весникот “Зорница” на бугарски јазик. Тој мисионерски протестантски весник, којшто кратко известува и за политички вести, се печати овде на бугарски јазик, и сега е единствениот весник којшто излегува на бугарски јазик во турскиот главен град, благодарејќи на моќната заштита со која можат по потреба да се користат протестантските мисионери. Ќе се зачудите кога ќе Ви кажам, дека тој весник и овде, па и во Стара Србија и Србите го чекаат, заради тоа што нема друг кој што би имал слободно минување по Турција, а којшто тие би можеле да го разберат.
Значи веднаш после таа македонска вечер во Вашата куќа, им пишав на чиновниците на амбасадата во Цариград, препорачувајќи му на г.секретарот на амбасадата г.Теркан да провери, дали не би можело да успее да се уверат Мисионерите, дека во интерес на нивната задача би требало да издаваат едно издание и на македонскиот дијалект и /да/ ги увери нив дека бугарскиот и македонскиот не се едно исто и дека /ќе биде/ од голема полза за нивната задача, кога би се послужиле со оваа идеја.
Г.Теркан отиде и зборуваше во таа смисла, но – на глуви уши. Така тој наиде на главниот Мисионар, кој целосно бил проникнат со бугарскиот начин на размислување, при што цели говори држел да го увери нашиот пратеник дека нема никакви разлики меѓу македонскиот и бугарскиот. Но бидејќи нашиот пратеник не заминал веднаш поради бугарофилскиот прозелитизам на американскиот емисар, тој ја донесол работата дотаму, нашиот предлог да се изнесе на решавање пред одборот на мисионерите. Но и одборот директно го одбил. Значи, со американските мисионери во Цариград не можеше ништо ни најмалку да се успее”.
Интересно е дека во истото писмо, самиот Стојан Новаковиќ ги објаснува вистинските цели на идеологијата на македонизмот со светосавските безумни тврдења и теории дека Бугарската Екзархија “создавала” Бугари во Македонија и дека бугарската писменост била варварска.
Дали со ова станува појасна изјавата на професорот Антич од Филозофскиот факултет во Ниш, дадена пред неколку дена, дека во месец септември официјални српски државни делегации ќе го чествувале Денот на српското единство во Битола?!
“Господине Министре,
Што повеќе мислам за начините, со кои би можеле да се подкопаат и срушат резултатите на Екзархијата и бугарската пропаганда во Македонија, постигнати посебно од 1870 година навака, се повеќе ми се чини, дека тоа најлесно може да се постигне преку негувањето на македонизмот, т.е. одвојувањето на македонската идеја и македонската словенска народност од србизмот и од бугаризмот. Уверен сум дека во тоа ни малку не треба да се плашиме, од било каква штета за српската идеја, бидејќи ги има доста и никогаш нема да исчезнат, оние што работат исклучиво за српска сметка и кои секогаш ќе ја држат високо идејата за српството.
Бидејќи бугарската идеја, како што на сите им е добро познато, фати длабоки корени во Македонија, сметам дека е скоро невозможно таа да биде сосема поколебана, ако ѝ се спротивстави само српската идеја. Таа идеја, се плашам, дека не би била во состојба како чиста и гола спротивност да ја потисне бугарската идеја, ако остане само како чисто и голо спротивставуваење и заради тоа на српската идеја од помош ќе ѝ биде некаков сојузник, кој би бил остро против бугаризмот, а кој би имал во себе елементи кои народот и народното чувство можат во себе да го повлечат, отцепувајќи го од бугаризмот.
Тој сојузник јаc го гледам во македонизмот, или во извесно ,со мудри граници одбележано, негување на македонскиот дијалект и македонската посебност. Нема ништо толку спротивно на бугарските тенденции како тоа; со ништо друго Бугарите не можат да се доведат во понепомирлива позиција, отколку со македонизмот.
Во тие операции нема никакви опасности за српската идеја, затоа што македонизмот како таков нема со што да се одржи, затоа што тој нема елементи за развиток и затоа што по природниот развој на работите, во оној момент штом би се одвоил од бугаризмот, би му помогнал на србизмот со него би се измешал. А на Србите тоа движење би им дошло /во полза?/ и заради тоа, што тие /Србите/ како заштитници на една национална и либерална идеја, како што е тоа будењето на љубов кон негувањето на домашниот дијалект во Македонија, би се покажале во примамлива, благородна и далеку посимпатична светлост.
Во работата околу тоа јас сметам и на влијанието на правописот, кој во корен би ја удрил бугарската варварска писменост и би морал да однесе природна и оправдана победа – која секогаш ја донесуваат простите, природните и рационалните начела, над начелата на заплетканото, извештаченото и нерационалното, чиишто елементи во полна сила можат да се припишат/употребат на сегашната бугарска писменост.
“Македонскиот буквар” кој се надевам, наскоро ќе го отпечатиме во Цариград, ќе ги удри основите на оваа работа, макар што потребата од тој буквар се правда и од многу други потреби и погледи. Но освен букварот, добро би било работата пошироко да се негува и да ѝ се даде појак израз.”
Од книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга III, (1888-1889)”, Белград 1987 год.
