AVE CAESAR, ЖИВИО ТИТО…

//

Донекаде се забавував претпладнево читајќи носталгични сеќавања, призраци од сеќавања,спомени, остатоци од колективната и индивидуална меморија – кој како трчал, галопирал, или што уште не правел на роденденот на најголемиот син од сите синови на поранешната СФРЈ. И каква штафета тоа било. Денеска такви не прават! Низ социјалните мрежи и денешниот „печат“ како на натпревар дефилираат советници, пратеници, политичари и од „лево“ и од „десно“, разно разни „кабинетџии” кои свесно или не, се дел од т.н. социјалистичка удобност на проф.Денко Малески од која и тој самиот потекнува.

Какви времиња беа тоа. Бескрајни и безначајни беседи (не оти денеска имаме недостиг) па стотици реферати, докторати, научни трудови за трулиот капитализам, ситната буржоазија, империјализмот и неврзаните, работничките движења, па СВОЗ кога сините кукавички напаѓаат,а црвените херојски се бранат. (за помладите, кратенка од Сите Во Одбрана и Заштита)

Најмалку една третина од членовите на МАНУ, универзитетските професори и актуелната „политичка елита“ го должат своето „професионално“ постоење на нивната „преданост“ во социјализмот со човечки лик, братството и единството и вечното – Ми ти се кунемо!

Се разбира, таквите вечни „омладинци и омладинке“ не се најдобра референтна точка за навигација, освен ако не пловите со скопските галии. Парадоксот на „неприфатливоста на секојдневието“ и неговата замена со „утописко и златно минато“ е во тоа што токму „Светите крави“ се „предводници“ на разумот, на просветителството, на прогресот и на промените. Преку ноќ марксизмот го заменија со антропологија, а самоуправувањето со социологија. И со сиот „интелектуален раскош“ ни се претставија како репер на она што не очекува. Ние, помалку наивни,помалку глупави, си дозволивме да им поверуваме.



Лесно заборавивме на „План за стабилизација“ локални и национални придонеси за вода, за канализација,за патишта, за Фени, за Студенчица и Вевчани, за Железара, за Тиквеш за…

…Но, на сентименталните секогаш можеме да им понудиме да патуваат од Паланка, Радовиш, Струмица…за Охрид со автомобил за да се почувствуваат помлади. Времетраењето на патувањето е исто како и пред 40 години. Можат и неколку часа во текот на денот да не користат струја и да уживаат во спомените на рестрикцијата. И да, нека престанат да „увезуваат“ дизелски крш од Германија, нека поуживаат во Жигули, Југоа и разни Застави. А, заборавив. Прескокнувајте кафе, помалку со млекото и внимателно кои и кави вицови раскажувате пред пријателите (и пред роднините се разбира)
Жалам што можеби македонската фудбалска репрезентација не забележува големи успеси, но таа репрезентација ја чувствувам за моја. Сепак, таа репрезентација и даде гол од корнер на Англија и тоа дома.
p.s. Што би рекол еден кмет – А наместо да ја гоните одамна исчезнатата социјалистичка зора,обидете се да создадете услови за „нормално и досадно секојдневие“ па дури и убави спомени за иднина.

Автор: Ѓорѓи Трендафилов

Претходна статија

АТИЏЕ ОД „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ НЕ СЕ ПЛАШИ ОД КОРОНАТА А ОД ЛОШИТЕ ЛУЃЕ- И ИСКРШИЛЕ И УКРАЛЕ ТРМКИ СО ПЧЕЛИ

Следна статија

СТАТУС КВО!

Најново од Истакнато

Кога идентитетот е бетон

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај