|

СТАТУС КВО!

Пандемијата сѐ уште трае, и покрај фактот дека веќе сме во друга фаза. Почнува олеснување на мерките.

Еден од секторите што претрпе најголем удар од „затворањето“ на државите е туризмот. Иако на почетокот, на туризмот речиси и не се помислуваше, гледиштата брзо се променија, па така земјите-членки на ЕУ јасно и гласно укажуваат дека барем дел од туризмот треба да се спаси. За таа цел, некои земји решија да ги отворат своите граници едни кон други и да поттикнат меѓусебни посети, секако, во новите пандемски услови. Но, движење ќе има.

Ова прашање предизвика силни политички дебати, бидејќи се чини дека ЕУ ги остава надвор од мапата на „заштита“, не само земјите кои не се нејзини членки, туку и некои нејзини членки, сметајќи ги како заканувачки за повторно разгорување на бројките на CОVID-19.

Во сите овие колебања, одлуки и противречности, она што е јасно е институционалната парализа на Македонија, која иако се наоѓа во мошне тешка ситуација, седи и чека. Не гледаме конкретна иницијатива од државата за стимулирање на брз почеток на бизниси.

Летото веќе тропа на врата, но државата нема ништо конкретно во однос на отворањето на секторот за туризам. Во меѓувреме, земји со многу позагрижувачки бројки од пандемијата прецизно го програмираат отворањето на туристичката сезона, а некои други држави веќе го започнаа летото. Отворање на меѓубалканските граници би бил соодветен чекор. Границите се држеа отворени во време кога не требаше и на вирусот му беше дадена можноста да го освои светот, а сега, кога светот полека почнува да станува, ние повторно доцниме.

Приходите од иселниците кои остануваат најголем снабдувач на оваа држава со пари, неизбежно ќе бидат помалку, што би значело дека ќе има многу повеќе сиромаштија отколку пред 11 март 2020 година. Државата, како најголем работодавец дури и во предпандемискиот период, пофрли во вработувањето на своите граѓани, претворајќи го ова човеково право во коруптивно средство или формирајќи го она што може да се нарече „сив пазар на вработување-гласање“, а да не зборуваме за сега, кога невработеноста е проблем во целиот светот.

Значи, треба итно да се разбудиме од оваа деструктивна смиреност и, како што би рекол Барак Обама, да излеземе на терен, да бараме конкретни можности и излези.

Има одредени медицински мислења за повторување на кризата од есен, односно втор бран на пандемијата, во што јас не верувам, но дури и ако е така тоа не значи дека треба да спиеме додека вирусот исчезне целосно, па потоа да почнеме да работиме сериозно. Ако одиме во тој правец, набргу ќе има толку голем бран на сиромаштија што за закрепнување ќе бидат потребни неколку поколенија.

Секој ден е битен за народот што е можно побргу да се справи со маките. Барометар на општеството не е мислењето или впечатокот на некој функционер. Реалната слика се стотиците илјади невработени кои немаат никаков приход, кои многу повеќе се плашат од сиромаштијата отколку од коронавирусот. Во нивно име, во име на опстанокот на оваа држава, сметам дека е редно време да се придвижиме од мртвата точка на која се наоѓаме.

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар



Слични Објави