МАКЕДОНИЈА НЕ Е СЕВЕРНА- МАКЕДОНИЈА СЕ ПРЕТВОРА ВО ГДР

///

Еден на секои 100 државјани на комунистичката Германска Демократска Република (ГДР) бил информатор (жаргонски кажано тастер) на една од најмоќните тајни полиции, во историјата на разузнавачките служби и органите за репресија и следење на неистомисленици, Ministerium für Staatssicherheit или скратено Stasi.

Во денешна Македонија, која стана дел од НАТО незаконските снимени материјали т.н „бомби“ се претворија во нормална појава за забава на поделените од еден невидлив берлински ѕид политички определени кампови, чиј сироти претставници се почесто за да дадат поголема тежина на своите ставови се изјаснуваат како „неопределени“. „Не сум партиски определен, ама Мицко нема врска“ или пак „не сум партиски определен ама Зајко е предавник“.

Сите тие „неопределени“ се определиле за корка леб и единствениот спас го гледаат во работното место што го добиле од партијата што во моментот на нивното вработување била на власт. Тие можеби никогаш не би се пронашле во „идеологиите“ на двете големи партии, но ги поддржуваат пожртвувано, бидејќи, ако не го прават тоа, постои можност да бидат „кажани“ во партија и да бидат обележани во најмала рака како неблагодарници, кои не ја следат дебело подвлечената партиска линија…

Токму и за тие луѓе деновиве се емитува најновата епизода од серијалот „Бомби трештат на сред село“. По големите „бомби“ на Заев од 2015, кои ги слушавме по партиските собиралишта на СДСМ и на You Tube, во коишто го чувме она култно „дагау“ на Мијалков, серијата продолжи без да ја изневери својата првобитна суштина, а имено да им носи политички поени на објавувачите.

Во февруари и март годинава се појавија уште неколку аудиоснимки на т.н „свиркачи“, кои нели, загрижени за состојбата на нашата држава прво преку Антонио Милошоски ни „покажаа“ дека Заев е пријател со веќе поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и дека судските одлуки се носат со „трас-трас“ од страна на поранешниот премиер. Неколку дена потоа се појавија снимки на кои се слуша како самиот Антонио Милошоски ургира кај судии за предмет во кој е инволвиран неговиот татко.

Во тој период Македонија се наоѓаше во неофицијална предизборна кампања, предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но кризата со коронавирусот го испомеша планот. Деновиве излегоа во јавност нови бомби по 4 за двајцата партиски лидери на „големите“ партии кои веќе 30 г. владеат со Македонија.

Избори ако се оди според нивниот план ќе има на лето, се чека само потврдата и датумот на нивното одржување, а истиот ќе биде определен најверојатно утре за време на лидерската средба кај претседателот Пендаровски. Не е важно тоа што коронавирусот сѐ уште коси во Македонија, не е важно што немаме доволно датабаза од тестирања за да сме сигурни како навистина се движи инфекцијата. СДСМ вчера го кажа својот тежок збор – 14 јуни, а и Мицкоски се согласи за избори на лето, но со дополнувањето дека истите не треба да го загрозат здравјето на граѓаните.

Монтипајтонов тргна, веќе нема запирање, но никој не коментира една многу важна работа.

Кој снима и дали воопшто некој од инволвираните во снимките ќе одговара макар и морално за тоа што се слуша во нив?



Тоа на „определените“ не им е важно. Едните „определени“ се тешат дека, еве сега Заев само да се врати на власт конечно ќе ги донесе правдата и мирот со кои влезе во белата зграда на „Илинденска“, а пак другите најавуваат народен суд за истиот тој Заев, бидејќи ги продал македонските национални интереси и ја уништил македонската економија.

Кој снима и до кога во нашата земја ќе се снима?

Ќе биде ли некој казнет за тоа незаконско снимање?

Дали веќе треба да пазиме што зборуваме дури на кафе со пријатели, бидејќи некој може да го снима разговорот и утре да си ги слушаме „бисерите“ по порталите на власта или опозицијата?

Македонија земја членка на НАТО ли е или евтина верзија на ГДР со уште поевтини тастери кои немаат софистицирана техника за снимање, туку користат најобични рекордери од телефони?

Тие прашања треба да си ги одговорат „неопределените“ и да ги донесат своите заклучоци. Зошто велам „неопределените“, бидејќи ако повторно нивната работа ја завршат „определените“ ништо добро не нѐ очекува.

Приказната со јазикот и Гоце само им дојде како кец на десетка на „патриотите“ и на „предавниците“… Тие си имаат снимени материјали и најверојатно продолжуваат да си снимаат материјали. Ако денеска не се побуниме против ова снимање, утре снимени ќе бидеме сите ние, без исклучок. Тогаш нема ни да биде важно дали некој ни ја ставил рампата за влез во ЕУ или „братски“ ја кренал за да ни даде пат. Ќе биде бадијала народски кажано. Македонија никогаш нема да биде Северна, но е на пат да се претвори во ГДР и тоа е страшно.

Автор: Атанас Величков



Претходна статија

СЕЛЕКТИВНОСТ ИЛИ НЕШТО ДРУГО: ЈАНКУЛОСКА И ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ПО ПРАВОСИЛНАТА ПРЕСУДА НЕ Е ВО ЗАТВОР

Следна статија

БИЛ ГЕЈТС ПРИЗНА ДЕКА ВО 2016 ГОДИНА ГО ИЗВЕСТИЛ ТРАМП ЗА ОПАСНОСТА ОД ПАНДЕМИЈА

Најново од Истакнато