Кампањата на Путин- без програма и дебати
Без програма, без дебата и без солиден противник – со минимизирана кампања, Владимир Путин очекува да победи на претседателските избори на 18 март и да добие четврти мандат.
Посета на фабрика во Ростов на Дон, средба со научници во Новосибирск, манифестација во чест на советската победа над нацистичка Германија во Волгоград … најсилниот човек во Русија, каков што е веќе над 18 години, ги врши своите јавни обврски како шеф на државата, но избегнува секакви ветувања , било какви средби со народот и предизборни митинзи.
“Путин не води изборна кампања. Тој ги исполнува своите претседателски обврски, тие се неговата кампања – објаснува политикологот Андреј Колесников од центарот “Карнеги”. “Тој е единствениот кандидат без програма. Ова предизвикува голема загриженост поради тоа што може да се протолкува како потценување на сопствениот народ”.
Главниот ривал на сегашниот лидер Алексеј Навални беше отстранет од изборите поради влегле во сила пресуди и резултатите од гласањето се речиси јасни: ќе биде големо изненадување, ако Владимир Путин не биде избран за мандатот до 2024 година Тогаш ќе се наполни речиси четвртина век откако беше именуван од Борис Елцин како негов наследник.
Еден месец пред изборите се очекува Путин да ја добие поддршката на 71,5 отсто од гласачите, покажува анкета, на блискиот до Владата центар ВЦИОМ.
Владимир Путин одби да учествува во какви било дебати со своите ривали, но, останува во објективот на камерите, што го следат речиси секој еден негов чекор.
Неколку предизборни плакати низ улиците го покажуваат Путин како позира пред карта на федерацијата под слоганот “Силен претседател за силна Русија”.
Повеќето плакати на Путин ги повикуваат Русите да гласаат со повикот “Нашата земја, нашиот претседател, нашиот избор!”.
Главниот предизвик пред Владимир Путин е да обезбеди доволна излезност, за да го легитимира резултатот од престојните избори, кој по се изгледа веќе е познат.
“Се вративме кон нешто, што се надевавме дека ќе го заборавиме по падот на советската власт – кон ритуалните избори, кои не решаваат кој ќе дојде на власт, бидејќи резултатот веќе е познат”, пишува политичкиот хроничар Фјодор Крашенинников во опозициониот неделник “Њу тајмс”.
Цивилизирана кампања
Најзапомнета слика во оваа предизборна кампања, лишена од неизвесност, останува кадар со Владимир Путин, кој се потопува во замрзнато езеро за време на празникот Богојавление.
Секој настан со негово учество е темелно организиран, медиумите – се држат на далечина, а поканетите, се негови убедени симпатизери. Штом Путин посети некое место, веднаш некој негов фан ќе рече нешто емотивно, како например дека неговите близнаци се родени на ист ден како и претседателот.
Според новинарот Олег Кашин од новинарскиот сајт Republic.ru Владимир Путин “всушност нема желба да прави било што – еве ја главната вест од овие претседателски избори”.
Политикологот Николај Калмиков од таборот на прокремљските набљудувачи ја поздрави “цивилизираната” кампања.
Претседателот прави “вистинска, конкретна работа и таа води до подобри резултати од популистичките настапи за правење на поени”, смета овој експерт од Руската академија за народно стопанство,
Нови ривали
Во отсуство на Алексеј Навални, кој успеа минатата година да извади на улица десетици илјади млади и да повика на бојкот на гласањето, Владимир Путин ќе се соочи со двајца нови ривали – либералната опозиционерка Ксенија Собчак и Павел Грудинин, бизнисмен милионер, подигнат од комунистичката партија.
Поранешна ѕвезда од реално ТВ шоу, потоа новинарка поврзана со опозицијата, Ксенија Собчак има претензии да ги обедини незадоволните од поредокот на Путин.
Таа впрочем признава дека се потпира само на 3 проценти од гласовите – но е позната по своите сурови критики против рускиот претседател, необични за масовните медиуми.
Кандидатот на Комунистичката партија Павле Грудинин, директор на совхозот “Ленин” – огромна фарма крај Москва, во моментов е на втората позиција иако против него се води отворена црна медиумска кампања. Според податоците на ВЦИОМ за него планираат да гласаат 7,3 отсто од избирачите.
Според експертот Андреј Колесников вистинската “интрига” на сегашната кампања се крие во овие две фигури – поточно во изгледите Ксенија Собчак да формира либерална партија по претседателските избори, а Павле Грудинин да го преземе раководството на Комунистичката партија од Генадиј Зјуганов, нејзин лидер по падот на Советскиот Сојуз.
Автор: Ана Малпас (Франс прес)

