| |

Барањето “гаранции за македонскиот идентитет” го разобличи југо-македонизмот како механизам на поданички менталитет

Facebook статус на Ивон Величковски

Обидот за одложување на ЕУ-интеграциите низ обидот на Мицкоски за блокирање на уставните измени е само провиден маневар:

– за одложување на неминовното владеење на правото за сите, а не само за југо-тајкуните и нивните коморски, партиски, банкарски инсталации… и,

– за држење на Северна Македонија во финансиско-политичката и културолошко-црковната зона на “српскиот свет”.

Ова секако е дел од видливата борба на структурите на Поранешната југословенска против нацијата на евро-атланската Република (Северна) Македонија и македонскиот народ во неа.

Но, опасноста од перфидното потпикнување на “гаранциите по македонскиот идентитет” како услов на Мицкоски и неговите соработници (како Николовски и Милошоски) за уставните дополнувања носат ризик од нова стигма врз македонскиот народ.

Имено трик-барањето ЕУ да гарантира идентитет на еден народ покажува дека овој партиски троец и било кој политичар што ја поддржува нивната теза:

– на Македонија гледа како на територија со капацитет ограничен на протекторат,

– на македонскиот народ гледа со потценување и презир, како на население со ограничен капацитет, бидејќи

– се сомнева во изворноста на македонскиот идентитет штом некој друг треба да го гарантира и, со тоа, го темели на подаништво кон “гарантот на идентитетот”

– се труди да не ја разбира смислата и функционирањето на ЕУ.

Односно го потврдуваат југословенскиот менталитет на оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, втемелен на пристапот дека македонскиот народ може да остварува самобитност единствено низ Југославија.

Пристап против кој беше поставен добар дел од првото раководство на – ВМРО-ДПМНЕ…?!

Дотолку повеќе што македонскиот идентитет е постар од – ЕУ. И нејзината претходничка – ЕЕЗ.

Парадоксално? Само навидум, се додека не се прочепка улогата на сојузната државна безбедност во формирањето на партиите 1989/90.

Затоа, може да се разбере тенденцијата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за влошување на односите на Македонците со Албанците и Бугарите во и околу државата и дистанцата од Грците.

Но и подготвеноста на југословенската тајкунерија во Скопје да застане во поддршка на ваквиот партиски правец што им ги гарантира досегашните привилегии.

Основата на овој пристап е инсистирањето на:

– југо-македонистичкиот правен поредок, во кој се е во ред само ако е “одобрено со печат и штембил во Белград” и

– политичко-културолошката матрица на поданичка немоќ на Македонците ако не се југословенска караула на “неврзаната” СФРЈ.

Сосем спротивно на смислата на државноста на македонскиот и припадниците на сите други народи во Северна Македонија, која заедно со Албанција, Бугарија и Грција е дел од НАТО.

Алијанса којашто ја гарантира слободата на народите и граѓаните низ заедничка одбрана на територијалниот интегритет од агресија.

Затоа, обидувајќи се да се промовираат во единствени претставници на Македонците, Мицкоски и неговите соработници ќе успеат да постигнат диференцијација меѓу Македонците и воопшто меѓу граѓаните – кој е за европска, а кој за југословенска Македонија. Друго прашање е дали ќе им се допаднат резултатите.

Слични Објави